Либан нема доволно финансиски средства за да се справи со последиците од експлозијата во Бејрут, изјави либанскиот министер за економија и трговија, Раул Нехем, во коментар за телевизискиот канал „Скај њуз Арабија“.

– Либан нема финансиски средства за надминување на последиците од експлозијата. Бараме помош од меѓународната заедница. Штетата предизвикана од експлозијата се проценува во милијарди долари. Ќе треба време да ја процениме вкупната штета – изјави тој.

Нехем додаде и дека единственото решение за Либан е соработката со Меѓународниот монетарен фонд.

Силна експлозија го потресе пристаништето во Бејрут на 4 август, при што беа уништени десетици згради и автомобили, оставајќи над 300.000 луѓе без покрив над главата.

Според последните извештаи, 137 лица загинале, а околу 5.000 се повредени додека десетици се водат како исчезнати.

Според полицијата, експлозијата е предизвикана од детонација при заварување во магацин со над 2.700 тони амониум нитрат, конфискувани од страна на царинските служби пред повеќе од шест години.