Односите на Кина со светот поминаа низ историски промени во изминатите 70 години, а глобалната позиција на земјата е на највисоко ниво, порача шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји

Со голема воена парада во центарот на Пекинг денеска ќе биде одбележана 70-годишнината од формирањето на Народна Република Кина. На парадата, која ќе ја проследи и претседателот Си Џинпинг, ќе бидат претставени најновите воени достигнувања на земјата, меѓу кои се и интерконтиненталните балистички проектили.

Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји порача дека Кина се стреми кон водечката улога во промената на меѓународниот поредок по Студената војна, предводен од САД, додека, истовремено, жестоко ќе ги брани своите национални интереси и ќе го спречи странското мешање во внатрешните работи.

– Односите на Кина со светот поминаа низ историски промени во изминатите 70 години, а глобалната позиција на земјата е на највисоко ниво – истакна Ванг.
Кинескиот министер исто така прогласи победа во смирувањето на односите со големите сили низ светот, и покрај тоа што растечките тензии околу трговијата и другите геополитички спорови значително ги заладија врските на Пекинг со САД и големите европски сили. Според Ванг, кинеско-руските односи, засновани врз стратегиската соработка, достигнаа историски високо ниво, благодарение на блиските врски помеѓу Си и рускиот колега Владимир Путин.

– Кина соодветно ќе се справи со трговските и економските превирања со САД, во согласност со принципот на еднаквост и заемна почит, и ќе продолжи кон обезбедувањето координирани, кооперативни и сигурни билатерални врски – додаде шефот на кинеската дипломатија.

Но, како што оценува „Саут Чајна морнинг пост“, неговата оптимистичка оцена за глобалниот имиџ на Кина е спротивна на ставовите на повеќе кинески експерти за меѓународни односи, кои истакнуваат дека изминатиот период е обележан со растечка меѓународна доверба и непријателство кон Кина, особено помеѓу нејзините азиско-пацифички соседи. Тие наведуваат дека за негативната перцепција на Кина во светот значително придонесуваат политиките на Пекинг кон Тибет, непопустливоста во споровите околу Јужно Кинеско Море, како и нејзиното справување со Тајван и со Хонгконг.

– Брзиот подем на Кина на глобалната сцена предизвика голем страв низ светот, особено благодарение на нејзината претерана самодоверба и отпор кон критики – изјави Венг Јижу, декан на меѓународните студии на Универзитетот во Пекинг.
Другите експерти, меѓу кои и Ванг Јиси, исто така предупредуваат на мрачно сценарио, во кое кинеските конфронтации со САД и нивните сојузници можат да предизвикаат нова Студена војна околу нивниот жесток геостратегиски натпревар и судирот на идеологии и политички вредности.

Но министерот Ванг порача дека Кина ќе продолжи да ги штити своите легитимни интереси и оти ќе биде поодлучна во заштитата на својот национален суверенитет, додавајќи дека истовремено земјата ќе биде одговорна сила во нејзиното влијание на глобалните прашања.

– Кина е во најдобро издание во модерните времиња – додаде Ванг.
Тој исто така укажа на кинеските достигнувања на глобалната сцена во изминатите 70 години.

– Кина воспостави официјални односи со над 179 држави, во споредба со само 18-те држави кога беше формирана републиката, и денес е еден од најголемите финансиски донатори на Обединетите нации и нивните мировни мисии низ светот – заклучи Ванг.