Во студијата на Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ЕЦДЦ) и на Агенцијата за авионска безбедност на ЕУ (ЕАСА) се забележува дека распространетоста на коронавирусот кај патниците што користат авионски транспорт е помалку од еден отсто. Во таа насока овие организации препорачуваат укинување на карантинот за авиопатниците, кој во некои земји е задолжителен

Додека авиокомпаниите бележат рекорден пад на патници, а авионскиот покрај патниот и железничкиот превоз низ светот се соочува со големи тешкотии поради мерките за заштита од пандемијата, повеќе здравствени светски агенции апелираат да бидат отстранети некои од рестрикциите за патување наметнати од државите поради коронавирусот. Имено, ваквите препораки за авионската индустрија дојдоа деновиве од повеќе меѓународни здравствени агенции, меѓу кои и од Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ЕЦДЦ), но и од Агенцијата за авионска безбедност на Европската Унија (ЕАСА). Според овие организации, распространетоста на коронавирусот кај патниците што користат авионски транспорт е помалку од еден отсто. Ваквите податоци на ЕЦДЦ и на ЕАСА се заклучок на нивната анализа за актуелната епидемиолошка состојба во авиоиндустријата, која меѓу другото препорачува и укинување на карантинот за авиопатниците, кој во некои земји е задолжителен.
– Се проценува дека распространетоста на САРС-КоВ-2 кај патниците во авионите е пониска од распространетоста кај општото население или меѓу контактите на потврдени случаи. Според тоа, достапните докази не поддржуваат воведување карантин и тестирање на патниците како ефикасна мерка за заштита на јавното здравје, со што значително се ќе се намали целокупната трансмисија меѓу општото население. Во таа насока, според актуелната епидемиолошка состојба, не се препорачуваат карантин или систематско тестирање на ковид -19 кај авионските патници – се наведува во заедничкиот извештај на Агенцијата за авионска безбедност на ЕУ и ЕЦДЦ.

Во заедничката студија на овие две организации дополнително стои и дека патниците не треба да се третираат како „висок ризик за населението“ освен ако не биле претходно во контакт со потврден случај на ковид-19 и потоа поради таа причина треба да бидат подложни на истите правила и мерки што важат за локалното население.

Укинување на карантинот

Паралелно на ова, европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) исто така минатата недела порача дека „не препорачува тестирање како средство за спречување на прекуграничната трансмисија на вирусот“.
– Им препорачуваме на државите да ги разгледаат податоците за трансмисија на вирусот во и надвор од нивните држави и според тоа да ги приспособат препораките за патување – истакна д-р Кетрин Смолвуд, висока претставничка на канцеларијата за итни случаи од програмата за здравствени кризи на СЗО за „Еуроњуз“ .
Д-р Смолвуд додаде дека „друг клучен елемент, секако, е да се спречат да патуваат лицата што се во изолација, затоа што тие се водат како пациенти со ковид-19. Исто така, според неа, мора да се спречат и лицата што се во карантин, бидејќи тие биле изложени на потврден случај и токму тоа е од суштинска важност. Во исто време, Меѓународниот совет на аеродроми на Европа (АЦИ), кој претставува невладино здружение на аеродромските власти, го поздрави извештајот и побара од членките на ЕУ „веднаш да ги укинат карантинските мерки и другите патни рестрикции“. АЦИ во соопштение порача дека карантинот и другите патни рестрикции за ковид-19 довеле до „досега невидени ограничувања на слободата на движење и слободата за обезбедување услуги“, бидејќи европскиот авиосообраќај во вториот квартал од годината опадна за 91 отсто во споредба со истиот период лани. Наместо досегашните мерки, европската АЦИ бара да се воведат брзи тестови.

Претпазливоста е клучниот пристап на ЕУ

Во меѓувреме, во препораките за авионската индустрија што беа објавени истиот ден кога Европската комисија ја претстави својата стратегија за безбедност од ковид-19 во текот на зимата, Брисел нагласи дека клучен ќе биде пристапот по овој проблем на ниво на ЕУ. Во документот ЕК истакна дека сите држави во ЕУ и надвор од неа мора да бидат претпазливи во носењето на одлуките за укинување на дел од патните рестрикции поради ковид-19 за да се избегне нов бран на смртноста од пандемијата за време на претстојниот празничен период. Во однос на прашањето за патувањата, кои се очекува да се зголемат низ регионот за божиќните празници и Нова година, Комисијата порача дека карантинските мерки може да бидат воведени доколку епидемиолошката состојба е полоша во регионот од каде што потекнува патникот отколку во крајната дестинација. „Би-би-си“ на оваа тема пишува дека во Франција скијачките центри нема да ги пуштат во функција скијачките лифтови за време на празничната сезона како дел од „рестриктивните и разубедувачки мерки“ на претседателот Емануел Макрон, кој во исто време прави сѐ за да ги спречи луѓето да отпатуваат во соседните земји на скијање. Во меѓувреме, ваквиот коментар наиде на лош прием во Швајцарија и во Австрија, кои им дозволија на своите скијачи центри да работат за време на зимските празници и се надеваат дека ќе ги привлечат и француските туристи.