Договорот од Париз спаѓа под Рамковната конвенција на ООН за декарбонизација на глобалната економија

Пет години откако во 2015-та беше усвоен Парискиот климатски договор, светските медиуми во своите анализи пишуваат дека државите делумно ги исполнија своите ветувања за климатските промени. Токму поради тоа сега живееме во климатски променет свет

Одбележувањето од петгодишнина од Парискиот климатски договор што се одржа викендов, виртуелно на интернет, поттикна голем дел од светските водечки медиуми во своите прилози повторно да ги актуализираат низата дилеми насочени кон постојаната борба против глобалното затоплување, но и прашања од типот дали всушност државите потписнички на овој договор ги исполнија нивните ветувања за климатските промени.
Еден од многуте актуелни написи што привлекоа внимание во светските медиуми на оваа тема беше и анализата на британски Би-би-си, кој во свој сублимиран заклучок по повод петгодишнината од климатскиот договор наведува дека решенијата за ниска емисија на јаглерод, кои се применија во текот на изминатите години, се покажале поуспешно отколку што многумина се надеваа. Имено, медиумот пишува дека глобалната слика во принцип се подобрила, но претстојат уште многу задачи што не се исполнија од потписниците членки на планот за климатска акција, кој е во соработка со Обединетите нации (ООН) што претставува огромен предизвик во понатамошната борба на глобално ниво за ограничувањето на емисијата на јаглерод диоксид.

Пропуштена шанса

Светската консултантска фирма „Систематик“ правејќи опсервација на оваа тема вели дека големата слика можеби се подобрува, но состојбата кај поединечните земји не го даде соодветниот резултат во спроведувањето на терен на одредбите од Парискиот климатски договор. Според „Систематик“, иако Кина во овој период покажа дека значително го намали растот на употреба на јаглен како енергетски ресурс, сепак повлекувањето на САД од договорот беше огромен удар врз глобалните напори во борбата против климатските промени.
– Поради пропуштената шанса во изминатите пет години, се дозволи раст на глобалното затоплување за повеќе од еден Целзиусов степен над прединдустрискиот просек. Негативните влијанија на глобалното затоплување сега се видливи на разни места во светот со пожари што беснеат, поплави, суши и урагани што влијаат врз нашите животи и егзистенција – наведува „Систематик“. Општо земено, според новата процена на светската консултантска фирма, станува извесно дека дел од државите на светско ниво несоодветно се докажале во спроведувањето на одредбите од Парискиот климатски договор.

В. Британија и ЕУ-лидери во борбата против климатските промени

Сепак од друга страна, „Би-би-си“ во својата анализа на оваа тема вели дека има и земји, како Велика Британија на пример, кои генерално се држат до ветувањата за климатските промени.
– Од 2008 година, британската влада со закон одреди петгодишни цели за ограничување на емисиите на стакленички гасови, според препораките на независниот Комитет за климатски промени. Целите поставени со првите три буџети за јаглерод беа исполнети. Како резултат на тоа, вкупната емисија на штетни гасови се намали за околу 45 отсто во споредба со нивоата од 1999 година. По брегзит, Велика Британија треба да претстави свој план за намалување на емисиите на јаглерод пред ООН – се наведува во анализата, притоа потсетувајќи дека земјата неодамна се фокусираше и на целите за намалувањето на штетните емисии за 2030 година.
Во исто време, според една скорешна студија, за Европа климатските промени се клучно прашање, а нејзините политички лидери го нагласуваат како еден од приоритетите на Унијата, пишува германски „Дојче веле“. Медиумот наведува дека ЕУ генерално ги исполни своите цели, а уште во 2007 година, европските лидери поставија цел од намалување на емисиите на стакленички гасови за 20 отсто до 2020 г. споредено со нивоата од 1990 година.
– Со колективните напори до 2018 година овие емисии се намалија за 23,2 отсто, што е многу поголемо постигнување од првичните ниски цели. ЕУ во моментов има цел да ги намали за 40 отсто до 2030 година, а наедно и усвои цел за климатски неутрална економија до 2050 година – вели климатскиот експерт Салемул Хаг, додавајќи дека Парискиот договор е огромно достигнување.

САД се враќаат во игра

Во секој случај, иднината на нашата планета не може да се остави само на ваквите движења, пишува „Си-ен-ен“. Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден во својата предизборна кампања се заложи дека САД ќе се вратат на Парискиот договор откако и официјално ќе стапи на функцијата како претседател во јануари.
Според американскиот медиум, доколку се сака да се постигне целта за да се ограничи зголемувањето на температурата на 1,5 Целзиусов степен во однос на глобалното затоплување, за која толку жестоко се бореше светот до пред Доналд Трамп, ќе треба сите земји значително да ги зголемат напорите и своите амбиции во годините што доаѓаат.