Индиско-пакистанската криза нуди важни лекции за САД, бидејќи настрана од Корејскиот Полустров, Индија и Пакистан го претставуваат подрачјето на кое има најголеми изгледи да дојде до нуклеарен конфликт, пишува магазинот „Атлантик“.

Вашингтон е длабоко поврзан со двете држави, сметајќи ја Индија за долгорочен партнер, кој може да има споредна улога во забавувањето на подемот на Кина, а Пакистан за неопходен учесник во преговорите за завршување на 17-годишната војна на САД во Авганистан.

Една непријатна лекција за САД претставува сознанието оти не можат да го ограничат пакистанското преземање ризици, кое би можело да предизвика ескалација на кризата со поголемиот сосед. Американците со години се обидуваат да го спречат Пакистан во користењето милитанти за да ја фрустрира Индија.

Но, САД, сепак, би можеле да го намалат ризикот од нуклеарна криза во јужна Азија, првобитно преку помагање на Индија да заземе поцврст став кон терористичките провокации. САД би требале да ги охрабрат Индијците да го обмислат управувањето со Џаму и со Кашмир, што често претставува повод за напади на терористичките групи.

Вашингтон може да испрати и јасна порака кон Исламабад, преку јасно ставање до знаење оти и Пакистан сноси одговорност за терористичките напади, не поради јасните докази кои упатуваат на контрола на државата врз терористичките групи, туку поради отвореноста со која, наводно, забранетите групи функционираат во Пакистан. Вашингтон заедно со сојузниците би можел да преземе мерки за ограничување на пристапот на Пакистан кон глобалните финансиски пазари и институции.

Кризата претставува потсетување оти администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со предизвици низ целиот свет, во кои спаѓа и прифаќањето на неизбежната улога во справувањето со ризикот за конфликт во непредвидливото подрачје.