Количеството на истечена нафта од јапонскиот брод „Вакашио“ кој заринка на корален гребен во Индискиот Океан кај Маврициус, е мало во споредба со сличните нафтени истекувања од бродови во минатото, но штетата што ја предизвика ќе биде огромна и долготрајна, пренесува Би-би-си.

За разлика од многуте поголеми претходни изливи на нафта во океаните, овој излив, иако мал, се случи во близина на два заштитени еколошки морски екосистеми и резерват на морскиот парк „Блу Беј“, која е со меѓународно значење. За бродот кој е во сопственост на компанијата „Окијо Марин“, се верува дека носел околу 4.000 тони гориво, а се стравува дека досега протекле најмалку 1.000 тони нафта во водите околу Маврициус.

– Маврициус е дом на 1.700 видови, вклучувајќи околу 800 видови риби, 17 видови морски цицачи и два вида желки – објаснуваат од Конвенцијата на ООН за биолошка разновидност.

Маврициус претставува средина со морска биолошка разновидност, со голема концентрација на растенија и животни специфични за регионот.

– Има мал број вакви морски области со толку богат биодиверзитет што преостануваат на планетата. Нафтата ќе влијае на скоро сè што постои таму. Не станува збор само за нафтата на површината на водата. Растворливите соединенија од маслото што ќе се растворат во водата ќе влијаат на целиот морски екосистем – вели д-р Корина Киокан, виш предавач за морска биологија на универзитет во Брајтон во Велика Британија.

Не е познато зошто бродот се доближи до коралниот гребен и полицијата го истражува случајот. Коралните гребени и морските екосистеми се главните столбови на туризмот на Маврициус, што е голем дел од економијата на земјата. Околу 25 отсто од рибите во океанот зависат од здрави корални гребени, велат од Националната океанска и атмосферска администрација на САД.

– Истурената нафта ќе ги „избели“ коралните гребени и тие на крајот ќе изумрат – изјави Ричард Штајнер, професор и меѓународен советник за изливање на нафта во водите и морски биолог во Алјаска, САД.

Во 2010 година, во инцидент надвор од Мексиканскиот Залив истекоа околу 400.000 тони нафта, што резултираше во смрт на илјадници морски видови, од планктони до делфини, а несреќите оставаат долгорочни влијанија врз морскиот живот, вклучително и нарушена репродукција, намален раст и заболувања.

Експертите велат дека и покрај најдобрите напори, помалку од десет отсто од истечената нафта во вакви инциденти е успешно исчистена од водите на океаните.