Европската комисија соопшти дека ќе го анализира договорот што синоќа го постигнаа Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) на министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој предвидува отворање центри за мигранти на територијата на Германија. Извори во ЕК соопштија дека правилата на ЕУ за баратели на азил дозволуваат создавање транзитни зони во државите-членки на Унијата во кои би се обработувале барањата за азил. Според договорот меѓу Меркел и Зехофер, со кој канцеларката се обидуваше да ја зачува својата коалиција, предвидени се центри од затворен тип, во кои ќе се разгледуваат барањата за азил, како и враќање на тие што веќе поднеле барање во друга членка на ЕУ.
Договорот бил доставен до правната служба на ЕК, каде што ќе биде анализиран, а тој допрва треба да биде одобрен и од третиот коалициски партнер во германската влада, Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Како што пренесува ДПА, договорот предвидува мигрантските центри што ќе бидат отворени во Германија да гарантираат дека мигрантите нема да имаат речиси никаков контакт со надворешниот свет. Во центрите во кои ќе се обработуваат барањата за азил нема да биде предвидено ниту изучување на германскиот јазик. Со овие центри се напушта практиката барателите на азил да бидат распоредувани низ германските градови и села, каде што го учеа германскиот јазик и имаа можност за интеграција.
Според барањата на министерот Зехофер, овие центри ќе бидат строго наменети за обработка на барањата за азил и нема да ги подготвуваат мигрантите за подолготраен престој во Германија. Зехофер се закануваше со оставка и со раскинување на долгогодишната коалиција меѓу неговата баварска ЦСУ и ЦДУ, доколку не се стори нешто во врска со напливот на мигранти. Засега само Баварија реши да отвори ваков центар, додека другите германски покраини се немаат изјаснето. Медиумите оценуваат дека во баварскиот пилот-центар мигрантите живеат во пренатрупани објекти и честопати протестираат поради условите за живот.