Десетици илјади поддржувачи на независноста на Каталонија протестираат во центарот на Барселона против пресудите на нивните водачи, барајќи отцепување од Шпанија. Главниот собир, на којшто има најголем број демонстранти, поминува мирно со бројни знамиња што ја симболизираат независноста и транспаренти за „слобода на политичките затвореници“.
Во друг дел од градот, илјадници студенти и ученици кои стапија во тридневен штрајк, се обидуваат да стигнат до зградата на шпанската национална полиција, чувана од полицијата за интервенции. Во судир меѓу студентите и полицијата три лица се повредени, од кои двајца малолетници и еден полицаец. Студентите со маскирани лица фрлаат со камења и шишиња, по што се повлекуваат кога ќе започне полициската интервенција.

„Антифашистичка Барселона“ и „Улиците секогаш ќе бидат наши“, викаат тие. Тие фрлија димна кутија и повеќе петарди, по што запалија контејнери, поставувајќи барикади.
Генерален штрајк започна денес во Каталонија, автономна покраина со население од 7,5 милиони, на повик на синдикатите за поддршка на независноста. Илјадници демонстранти дојдоа во Барселона од другите градови, а владата на Каталонците и партиите за независност повикаа на мирни протести.

Ова е петти ден на масовни протести откако Врховниот суд во Мадрид во понеделник осуди деветмина каталонски службеници на 9 до 13 години затвор за организирање референдум за независност во 2017 година.