Ли Џингзи и нејзиниот сопруг викендите ги минувале со својот мал син во зоолошката градина во еден од парковите во нивниот град Ксијан, престолнина на провинцијата Шанкси во централна Кина.
– Имаше една и пол година. Во зоолошката градина виде црв на земјата. Беше многу љубопитен, го држеше црвот во раце и ми го принесе в лице – раскажува Џингзи.
Мао Јин бил нејзин син единец, таква била и тогашната кинеска политика, сите да имаат само по едно дете. Сакала да биде успешен и му го дала прекарот Џиа Џиа, што значи „голем“.
Џингзи работела во компанија за извоз на пченица и за време на жетвата морала да замине неколку дена надвор од градот за да ги посети доставувачите на село. Џиа Џиа останал дома со татко му. За време на едно такво патување, добила порака дека итно мора да се врати дома.
– Во тоа време телекомуникациите не беа напредни. Добив само телеграма: Веднаш да се вратите дома! Не знаев за што се работи – вели мајката.
Таа веднаш се вратила на работа, а нејзиниот шеф ѝ соопштил дека синот ѝ е исчезнат.
Тоа било во октомври во 1988 година, а Џиа Џиа имал две години и осум месеци. Сопругот на Џингзи раскажал како го земал Џиа Џиа од градинка и на пат за накај дома му се припило вода. Таткото застанал кај некој мал хотел, што припаѓал на поширокото семејство, и го оставил детето само на минута-две. Кога се вратил Џиа Џиа го немало.
Родителите се надевале дека детето за брзо време ќе биде пронајдено.
– Мислев дека мојот син се изгубил и дека го бара патот за дома и дека некои добри луѓе ќе го најдат и ќе го донесат – раскажува мајката.
Меѓутоа, минала една недела и ништо не се случувало. Почнала да се распрашува околу хотелот, отпечатила 100.000 летоци со неговата слика и ги поделила насекаде, а објавила и оглас за неговото исчезнување. Сè било без успех.
– Ме болеше срцето. Сакав да плачам. Сакав да врискам. Мислев дека некој ми го исцеди срцето – вели мајката.
Во тоа време трговијата со деца била многу распространета низ Кина. Политиката за имањето само едно дете е воведена во 1979 година како обид да се намали популацијата и да се ублажи сиромаштијата. Двојките во градовите смееле да имаат само едно дете, додека оние во руралните средини, смееле да имаат второ дете, ама само во случај ако првото е девојче. Се верува дека оваа политика придонела за порастот на киднапирање деца.
Првичниот инстинкт на Џингзи бил да го обвини сопругот. Меѓутоа, подоцна сфатила дека заедно треба да работат ако сакаат да го пронајдат синот. После четири години неуспешна потрага, тие се развеле.
Џингзи никогаш не престанала да го бара својот син. После години потрага, нејзиниот доктор ја советувал малку да одмори зашто инаку нема да може да ѝ помогне.
Џингзи сфатила дека има многу родители што ги бараат своите деца. Тие формирале мрежа што покрива поголем дел од Кина. За време на својата потрага Џингзи посетила десет кинески провинции. Кога нејзиниот син имал веќе 19 години, Џингзи отворила сајт, кој помага семејствата да се поврзат со своите исчезнати деца.
Во 2009 година кинеската влада основала база на ДНК-податоци, во која двојките што изгубиле дете, можеле да ја регистрираат својата ДНК.
Повеќето од исчезнатите деца биле машки. Двојките што ги купувале овие деца или немале свои, или имале девојчиња, но не и синови.
Со својот сајт Џингзи им помогнала на 29 деца да ги најдат своите вистински родители.
На 10 мај годинава, на Денот на мајките, Џингзи добила повик од Управата за безбедност: Мао Јин е пронајден.
– Не се осудував да поверувам дека тоа е вистина – вели мајката.
Меѓутоа ДНК-тестот потврдил дека тоа е точно.
После 32 години и повеќе од 300 лажни траги, потрагата конечно завршила.
За ден на нивната средба бил закажан 18 мај. Џингзи била нервозна. Не била сигурно што ќе мисли за неа нејзиниот син. Тој бил веќе возрасен човек, оженет, и водел фирма за внатрешно декорирање.
– Многу се грижев. Може нема да ме препознае, може нема да ме прифати. Многу се плашев дека кога ќе сакам да го прегрнам, тој нема да го сака мојот допир – вели Џингзи.
На денот на нивната средба, Кинеската централна телевизија вршела пренос во живо од средбата. На преносот може да се види како Џиу Џиу влегува во церемонијалната сала на Управата за јавна безбедност и извикува „мамо“, додека трчаат еден накај друг за да се прегрнат. Сите плачеа. И мајката и таткото и синот.
Џингзи подоцна дознала дека нејзиниот син бил продаден на двојка што немала деца, за 6000 јени (840 долари). Родителите што го посвоиле му го промениле името во Гу Нингнинг и го одгледале како свое дете. Додека растел ја видел својата вистинска мајка на телевизија како зборува за него, меѓутоа не му текнало дека токму тој е нејзиниот син.
После нивната првична средба, семејството минало цел месец заедно. Гледале стари фотографии, со надеж дека Џиу Џиу ќе се сети на нешто, меѓутоа тој тврдел дека не се сеќава на ништо до пред неговата четврта година.
Џингзи сè уште им помага на семејствата што се во потрага по своите изгубени деца.