СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА ВО БЕРЛИН
Македонските атлети Агрон Хајредини и Јулијана Петровска се закитија со златен, односно со сребрен медал на најголемиот светски спортски собир за лица-спортисти со интелектуална попреченост, Специјалната олимпијада, која се одржува во Берлин (Германија). Хајредини и Петровска, под водство на тренерот Ифраим Љута, го освоија првото во машка, односно второто место во женска категорија во атлетската дисциплина скок во далечина од место. Хајредини супериорно триумфира, откако оствари далечина од 1,6 метар, што беше убедливо најдобриот резултат, откако второпласираниот Вилис Отиено од Кенија скокна 1,25 метар. Петровска оствари скок од 0,64 метар, еден сантиметар зад победничката Фарзанех Џамшиднеџад од Иран.
– На испраќањето во Агенцијата за млади и спорт (АМС) си посакавме успех и ветивме многу насмевки, а неколку дена подоцна сме горди на постигнатиот успех на Агрон и на Јулијана и сега со нетрпение го очекуваме настапот на целиот македонски тим. Посакуваме уште успеси, иако самото ваше присуство и настапот тука се веќе огромен успех. Честитки и благодарност до сите учесници, тренери и организатори што го предводат македонскиот тим во Берлин – информираат од АМС. Г.И.