Во рамките на проектот „УГД – Чекор кон светот“, во кој се вклучени актуелните и идни студенти на Катедрата за современ танц при Филмската академија, деновиве се одржаа две работилници за кореографија и танц со предавачите: Настја Џјубан, Украина, Ли Мун Ваи, Германија-Сингапур, и Викторија Илиоска. Овој дел на програма се остварува во соработка со центарот за нови иницијативи „Локомотива“ и неговата програма „Култренинг“.
– Во оваа практика на преориентирање, ќе започнеме со прашањето „каква разлика прави кон што сме ориентирани“ и ќе се движиме не само напред туку и назад. Поттикнати од принципот на практикување љубопитност, инспириран од Фелденкраис, заедно ќе се ориентираме кон сетилата, сензациите, деловите од телото, движењата и звуците што обично се недоволно застапени и маргинализирани. Кои се работите што ги оставаме зад нас, зад грб? Движејќи се помеѓу овие прашања, ќе си играме со забележување сензации, практикување исчекување и развивање телепатски поврзувања – велат предавачите.
Настја Џjубан се занимава со танц и кореографија. Таа е родена во Киев, Украина, а моментално живее во Гисен, Германија. Од 2015 година, Настја ја развива својата уметничка практика и создава перформативни дела. Ја интересираат вкрстувањата на диспозитивите на театарот и кореографијата, како и поимите како што се потенцијалноста и миграцијата и поимот заедничко.
Викторија Илиоска е македонска кореографка и изведувачка, која живее и работи помеѓу Македонија и Германија. Повеќе од десет години таа активно работи на програми за промовирање и развој на современиот танц. Од 2010 година е членка на „Номад танцова академија“, создавајќи врски и соработки во локалниот и националниот контекст на балканскиот регион.
Ли Мун Ваи е кореограф и танчар, кој работи паралелно помеѓу Берлин и Сингапур. Во јули 2021 година магистрира на програмата за кореографија и изведба на Институтот за применети театарски студии во Гисен, Германија. Во својата танцова и кореографска практика, Ли Мун Ваи инсистира на релациска пропустливост помеѓу него и неговата околина.