Ева се закити со златен медал во настапот со лента и со обрач, а Илина освои сребрен медал со топка и бронзен со лента

РИТМИЧКА ГИМНАСТИКА – ТУРНИР ВО ГЕРМАНИЈА

Македонските репрезентативки во ритмичка гимнастика, сестрите Ева (13) и Илина (17) Соколовски, постигнаа извонреден резултат на интернационалниот турнир во Падеборн (Германија). Тие успеаја, со својот настап што пленеше, да освојат злато, сребро и бронза и високо да го развиорат македонското знаме на победничкиот подиум. И Ева и Илина настапија со по две кореографии. Ева настапи со лента и со обрач и во двете кореографии се закити со златен медал. Илина, пак, освои сребрен медал со топка и бронзен со лента.
– Презадоволни сме од резултатот. Го зедовме тоа што ни следуваше, пехарите. Горди сме на резултатот и на тоа што ја претставувавме Македонија во интернационални рамки. Не можеме да го опишеме чувството на возбуда кога нѐ прогласија за најдобри и кога тргнавме по наградите со нашето знаме – велат Ева и Илина.
На турнирот настапија над 150 натпреварувачки од повеќе европски држави (Франција, Бугарија, Чешка, Словачка, Полска, Швајцарија, Полска, Германија, Македонија и други). Постигнатиот резултат во Германија претставува само доказ повеќе дека станува збор за две ритмички гимнастичарки пред кои претстои светла иднина и, секако, збогатување на колекцијата со нови медали. Следниот интернационален натпревар, во организација на Интернационалната федерација за ритмичка гимнастика (ФИГ), треба да се одржи кон крајот на февруари во Естонија. Г.И.