Фото: Емил Јовановиќ

ТУРНИР ОД ГОЛЕМАТА ШАХОВСКА СЕРИЈА

Поранешниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени, прв на светската листа на Светската шаховска федерација), убедливо славеше на третиот мошне силен турнир со забрзано и брзо темпо на игра од Големата серија, во Загреб (Хрватска), освојувајќи вкупно 26 поени од можни 36, како и парична награда од 40.000 долари. Втор е Русинот Јан Непомнијашчи (2.779) со 22,5 (30.000 долари), а трет Французинот Алиреза Фирузја (2.777) со 22 поени (25.000 долари).

Карлсен на турнирот со забрзано темпо (25 минути, плус 10 секунди по секој потег), по првиот ден беше трет со 5,5 поени, но доминираше на турнирот со брзо темпо (пет минути, плус две секунди по секој потег), во 18 кола, особено првиот ден кога во феноменален стил ги победи сите девет ривали, нешто што се нема видено досега на овие шаховски турнири. Во вториот ден го зголеми водството за половина поен.

На првиот турнир од годишнава серија, во класичен шах во Романија, победи Каруана, а на вториот во Полска, со забрзано и со брзо темпо, славеше Карлсен. Од Големата турнеја за годинава (три турнира со забрзано темпо и два во класичен шах) треба да се одиграат уште два турнира во ноември, и тоа блиц и рапид во Сент Луис (САД) и Купот Синкфилд во класичен шах, исто така, во Сент Луис. Каруана моментно води во поредокот со 20 поени. Г.И.