Каков неверојатен ден. Тоа се моментите што го прават сето ова. Толку сум горда на скијањето, горда на тимот сезонава. Секој чекор од патот беше силен, фокусиран, позитивен и, имајќи ги вистинските цели, тимот ми помагаше да управувам со мојот фокус. Тоа е неверојатно – рече Шифрин, со солзи во очите, по рекордната 87. победа во Светскиот куп

СКИЈАЊЕ – МИКАЕЛА ШИФРИН СТАНА АПСОЛУТНА РЕКОРДЕРКА ПО БРОЈОТ НА ПОБЕДИ ВО СВЕТСКИОТ КУП НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Американската скијачка Микаела Шифрин несомнено е една од најдоминантните спортистки во моментов во светот. На возраст од само 27 години, а 12 години од денот по нејзината прва трка во Светскиот куп (СК), Американката стигна до својата рекордна 87. победа, со што ја надмина долгогодишната трага што ја остави големиот шведски ас Ингемар Стенмарк, и тоа во домот на шведското скијање, Оре, каде што ја забележа својата прва победа во СК во 2012 година. Таа го направи тоа во прекрасен стил, доминирајќи во двете слаломски трки за да ја освои својата втора победа за два дена, и тоа со огромна разлика од 0,92 секунди. Откако ја мина целта по второто возење (1:41,77 мин.) во десеттиот слалом сезонава (шеста победа, а вкупно 53-та во кариерата, односно седум повеќе од која било друга скијачка во која било дисциплина), што претставува нејзин 13-ти триумф сезонава, а плус има и шест победи од деветте велеслаломски трки, Шифрин беше во неверување.
– Каков неверојатен ден. Тоа се моментите што го прават сето ова. Толку сум горда на скијањето, горда на тимот сезонава. Секој чекор од патот беше силен, фокусиран, позитивен и, имајќи ги вистинските цели, тимот ми помагаше да управувам со мојот фокус. Тоа е неверојатно – рече Шифрин, со солзи во очите, по рекордната 87. победа во СК.

Зборот „неверојатно“ е апсолутно вистинскиот за неа. Повеќе од 63 отсто од времето кога таа беше во редот за техничка трка сезонава во СК, триумфираше. Шифрин веќе го обезбеди сезонава големиот Кристален глобус, односно титулите во слалом и велеслалом, минувајќи ја границата од 2.000 бода во генералниот пласман на СК. Таа сега има 2.028, втора е Словачката Петра Влхова со 1.025, додека трета е Швајцарката Лара Гут Бехрами со 1.007 бода.
– Честитки за Микаела, едно од најголемите достигнувања во историјата на спортот. Ова беше рекорд за кој се сметаше дека е речиси ненадминлив. Таа е инспирација за генерациите што доаѓаат – рече претседателот на Меѓународната скијачка федерација, Јохан Елиаш.
Таа е инспирација и за сегашната генерација. Швеѓанката Ана Свен-Ларсон, чие трето место беше четврти подиум во нејзината одлична сезона, е секако благодарна што се натпреварува во истата ера како и Шифрин.
– Таа е толку голема, неверојатна спортистка и личност. Навистина е добро да се тркаш против неа. Се надевам дека ќе ја победам уште еднаш или двапати пред да ја завршам кариерата, тоа е мојата цел – рече Свен-Ларсон.
Венди Холденер, чие второ место ја зацврсти на второто позиција во генералниот пласман, исто така имаше пофални зборови за Шифрин.
– Таа е шампионка. Кога ќе помислите дека има толку многу победи за толку години, тоа е лудост – рече Швајцарката Холднер.
Можеби е загрижувачки за нив, но несомнено е возбудлив за љубителите на спортот низ светот, оти крајот на Шифрин е далеку од завршен.
– Тешко е да се опише, а сѐ уште не е завршено, што е уште посмешно. Сѐ уште го имав истото чувство на почетокот на оваа трка како што го имам на секоја трка. Не треба да чувствувам притисок, но чувствувам нешто во моето чукање на срцето, a тоа е исчекувањето што сакаме да го почувствуваме како скијачки натпреварувачки, a jас го имам и тоа е посилно од кога било – изјави 27-годишната шампионка и кратко додаде: – Тукушто почнувам. Г.И.


Најмлада олимписка шампионка

Микаела Шифрин (родена на 13 март 1995 во Вејл, Колорадо, САД) е американска алпска скијачка. Двократна олимписки шампионка, а седумкратна светска првенка, петкратна во вкупниот Светски куп, Шифрин е најмладата олимписка шампионка во слалом во историјата со 18 години и 345 дена (2014 во Сочи). Таа го освои својот седми златен медал на СП на 16 февруари 2023, а има освоено седум големи и 10 мали кристални глобуси, што ја прави најуспешна скијачка во модерната ера. На подиумот се искачила 137 пати. Скија слалом, велеслалом, супервелеслалом, спуст и комбинација. Со 87 победи во СK, таа е најуспешната светска скијачка на сите времиња, без разлика на полот.


Стенмарк: Шифрин е импресивна, фантастична…

Шифрин е импресивна, фантастична. Ова е одлично за неа. Особено пред да го собори рекордот во Оре, Шведска, каде што ја забележа првата победа во СК, рече во телефонска изјава за агенцијата „Франс прес“ легендарната шведска скијачка ѕвезда Ингемар Стенмарк, кој не жали што му е соборен рекордот.
– Го држев тој рекорд 34 години и тоа не беше нешто што ми го окупираше умот, освен кога некој беше многу блиску да го собори, прво Линдзи Вон, а потоа и Шифрин – изјави 66-годишниот Стенмарк.
Минатата недела Стенмарк во интервјуто за „Франс прес“ рече и дека Шифрин може да победи во 100 или повеќе трки.
– Таа има сѐ, добри физички способности, добра рамнотежа и силен ум. Таа е толку талентирана што другите скијачки мораат да ризикуваат за да ја победат, а потоа грешат – изјави Стенмарк, кој кариерата ја заврши на 32 години, во 1989 година.