Пасанг Дава се искачи на врвот на светот двапати пролетва, прво го израмни рекордот од 26 успешни искачувања поставен од Ками Рита, кој потоа стигна до врвот на планината по 27. пат, а потоа го достигна новиот рекорд на 23 мај, но Ками Рита ја врати титулата со 28-то искачување истиот ден
Уште трае трката за рекордот за најмногу искачувања на Монт Еверест. Шерпасот Пасанг Дава (48) планира да се искачи на врвот висок 8.849 метри в година во обид повторно да го достигне рекордот поставен од колегата шерпас, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Ќе продолжам да се искачувам на Еверест сѐ додека моето тело може, бидејќи има луѓе над 60 години што го искачиле. Но тоа не значи дека ќе се искачувам до 60 години, туку сѐ додека сум во можност – изјави тој за АП.
Пасанг Дава се искачи на врвот на Еверест двапати оваа пролет. На 14 мај, тој го израмни рекордот од 26 успешни искачувања поставен од Ками Рита, кој потоа стигна до врвот на планината по 27. пат. Пасанг Дава го постигна новиот рекорд на 23 мај, но Ками Рита ја врати титулата со 28-то искачување истиот ден. Ками Рита (53) рече дека повторно ќе се упати кон врвот за време на сезоната на искачување во 2024 година, кога и Пасанг Дава ќе биде на планината за да ги води странските клиенти на Еверест.
Пасанг Дава прво почнал да работи како носач на 12-годишна возраст, носејќи опрема и материјали од неговиот дом во подножјето на Еверест. Дипломирал за помошник во кујна и конечно ја добил својата шанса да носи опрема до повисоките кампови во 1997 година.
Тој првпат го искачи Монт Еверест во 1998 година додека го водеше британскиот авантурист Бер Грилс. Оттогаш, тој се качува на Еверест речиси секоја година, не правејќи искачувања само кога планината била затворена или поради семејни причини.
Непалската влада минатиот месец ги почести водичите и планинарите со рекорди за време на прославите на првото искачување на Монт Еверест од пред 70 години. Н.М.