На првиот меѓународен настап на членовите на Сеишин за годинава со бронзени медали се закитија Марио Конески, Тамара Илиоска и Теодора Илиоска

ЏУДО – НА ТУРНИРОТ „ПОБЕДНИК НА ПИРОТ“

Прилепскиот џудо-клуб Сеишин постигна забележителен успех, освојувајќи три бронзени медали на меѓународниот турнир во џудо „Победник на Пирот“, кој во организација на српскиот клуб Ипон 10 од Пирот се одржа во спортската сала „Кеј“.
Во конкуренција на 351 натпреварувач (243 машки и 108 женски) од седум држави (Србија, Македонија, Црна Гора, Грција, Романија, Молдавија и Бугарија), прилепчани на овој турнир во Србија настапија со петмина натпреварувачи.
Со бронзени медали се закитија Марио Конески, Тамара Илиоска и Теодора Илиоска. Одлични борби на татамите прикажаа и Владан Стрезоски и Ване Ацески кај помладите пионери, но не успеаја да изборат место на пиедесталот.
Ова беше прв меѓународен настап на членовите на џудо-клубот Сеишин за годинава.
Веќе од наредниот викенд во Прилеп ќе почнат настапите и на првенства на Македонија во џудо, и тоа за помлади пионери и пионерки и за јуниори и јуниорки, а во техничка организација на домаќинот на шампионатите, ЏК Сеишин. Г.И.