МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ПРВАК

Цајтнот на Динг, трето водство на Непомнијашчи

Седмата партија од предвидените 14 на мечот за светскиот шаховски првак во Астана (Казахстан), помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени) и Кинезот Динг Лирен (2.788), заврши со победа на Русинот во 37-от потег за нешто помалку од четири часа, откако Лирен на три секунди пред истекот на времето го призна поразот. Мечот е на половина пат, вчера беше слободен ден. Моментно Непомнијашчи води со 4-3.
Во обид да го изненади својот ривал, Лирен одговори со француската одбрана во отворањето, инаку претходно видена на мечот за светскиот првак во 1978 година.
– Му кажав на мојот секундант Ричард Рапорт дека ќе ја играм француската одбрана. Но тоа беше половина шега, половина сериозно. Тој ме сфати сериозно и ми рече дека можам да се обидам со француска одбрана да го изненадам мојот противник – рече Лирен.
Во одреден момент Непомнијашчи притисна премногу силно, но со навремена жртва на квалитетот (топ за ловец) во 23-от потег, Лирен ја поедностави позицијата и беше за нијанса подобар. Но на Лирен му недостигаше време за размислување (т.н. цајтнот).
На седумте досега одиграни партии, дури пет завршија со победа, а само првата и третата партија завршија со реми. Г.И.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
Феникс и Кливленд израмнија

Феникс го израмни резултатот на 1-1 во победи на дуелите со Лос Анџелес клиперс во плејоф-серијата од првото коло што се игра до четири победи во кошаркарската НБА-лига, славејќи со 123-109, на свој терен. Предводен од одличниот Девин Букер и феноменалниот финиш на искусниот Крис Пол, Феникс дојде до посакуваната победа. Букер беше најефикасен играч на дуелот, со 38 поени. Сега серијата се сели во Лос Анџелес, а следниот меч е утре наутро.
И Кливленд израмни во серијата со Њујорк, со победата со 107-90, а Бостон поведе со 2-0 по триумфот на мечот со Атланта со 119-106, а од претходно со 2-0 водат Филаделфија на дуелите со Бруклин и Сакраменто со Голден стејт. Рано утринава се играа вторите мечеви во сериите помеѓу Денвер и Минесота (1-0), Милвоки и Мајами (0-1) и Мемфис и ЛА лејкерс (0-1). Г.И.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Најтрофејните два клуба се пласираа во полуфиналето

Најтрофејните два клуба во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), Реал Мадрид (14 титули) и Милан (седум), се пласираа во полуфиналето сезонава во најсилното европско клупско натпреварување.
Реал Мадрид одново со 2-0 го победи Челси, овој пат на гостувањето во Лондон, а Милан одигра нерешено на гости кај Наполи и се пласира понатаму со вкупен резултат 2-1. Синоќа требаше да бидат одредени и другите два полуфиналиста, а се среќаваа Баерн – Манчестер сити (прв меч 0-3) и Интер – Бенфика (2-0).
За Реал Мадрид тоа е 11-то полуфинале во претходните 13 сезони. Карим Бензема стана петтиот фудбалер со 150 настапи во ЛШ, а Тони Крос го забележа својот 150-ти настап во клупските натпреварувања на УЕФА, само 17-от со таков подвиг. Милан првпат е полуфиналист по 16 години пауза. Н.М.

ЛШ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

1. Челси – Реал Мадрид 0-2
Вкупно: 0-4
2. Наполи – Милан 1-1
Вкупно: 1-2
СИНОЌА
3. Баерн – Манчестер сити (0-3)
4. Интер – Бенфика (2-0)
во заградите се резултатите од првите мечеви

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 3 – Реал Мадрид
Милан – Победник 4