Предавање на професорот Алесандро Ола

Професор Алесандро Ола одржа предавање во „Јадро“, на темата „Уметноста на звучните пејзажи во современата изведба“. Тој е познат уметник на звук и композитор, кој во рамките на проектот „Артс хаб“ ги сподели своите сознанија за тоа како може звукот да го подобри изведбеното искуство и да создаде инволвирачки средини. За време на предавањето беа презентирани различни елементи на звучните пејзажи, вклучувајќи теренски снимки, пронајдени звуци и електронска манипулација, и како можат да се искористат тие за да се создаде уникатен звучен пејзаж за публиката. Исто така за време на предавањето беа посочени начините на кои звукот може да се користи како алатка за социјален ангажман, од проекти во заедницата до инсталации на специфични локации што се занимаваат со суштински социјални прашања, како може звукот да помогне да се создадат поинклузивни и партиципативни форми на уметничко изразување, овозможувајќи им на маргинализираните заедници да го пуштат својот глас и да бидат слушнати.
– Нашиот говорник ги сподели своите искуства од неговата работа со заедници и уметници за развивање вештини и градење мрежи, овозможувајќи им да креираат свои социјално ангажирани уметнички проекти и иницијативи – информираат од „Јадро“.
Алесандро Ола е композитор, пијанист и изведувачки уметник. По студиите по пијано, композиција и електронска музика, го напушта академскиот пристап кон музиката и го започнува својот уметнички пат низ експеримент, импровизација и електроника, како во компонирањето така и во сценскиот настап. Неговото лично истражување се фокусира главно на интеракцијата помеѓу музиката и другите уметнички изрази. Неговите интереси и искуство исто така вклучуваат видеоарт и танц. Изведувал во интернационални музеи и галерии. Од 1999 компонира оригинална музика за голем број претстави, соработувајќи со важни италијански театри и театарски уметници, како Дарио Фо, Марко Карнити, Марко Пароди, Дациа Мараини, Марио Фатикони, Франческо Ориго, Франческо Сапонаро, Карла Тато. Автор е на театарски претстави што исто така вклучуваат претстави базирани на импровизација. Компонирал музика за радио, телевизија и филмови и работел на звучни записи на локации во урбани и рурални средини. Од 1994 година работи и како подучувач и ментор, во рамките на театарски и музички работилници. Подучувајќи, тој го продлабочил својот поглед на врската музика-јазик-поезија и како режисер реализирал неколку проекти базирани на вокални експериментирања. Веќе шест години држи часови за музикотерапија и театарски работилници, работејќи во полето на менталните тешкотии.