Магнус Карлсен

Во моментов мојот рејтинг, 2.861 поен, е солиден, оти во голема мера одговара на нивото што го имам. Но за да стигнам до 2.900, би морал да се подобрам во играта, што мислам дека е доста тешко да се направи, вели Карлсен

ИНTЕРВЈУ: МАГНУС КАРЛСЕН, СВЕТСКИ ПРВАК ВО ШАХ

Американскиот компјутерски научник и истражувач на вештачка интелигенција Лекс Фридман имаше дво и полчасовно интервју со светскиот првак, норвешкиот велемајстор Магнус Карлсен. Двајцата разговараа за многу различни теми. Издвојуваме некои од главните моменти од ова пообемно интервју.
– Она што е убаво за мене е кога вашиот противник може да го предвиди секој ваш потег, а сепак ќе загуби. Тоа значи дека во одреден момент рано планирате, вашата оценка е подобра, така што играте многу јасно и едноставно. Изгледа дека не сте направиле ништо посебно, а вашиот противник загубил. Се трудам да создадам хармонија на таблата, а обично за хармонично го сметам тоа кога фигурите „работат“ заедно, дека се штитат, како што мразам кога имам една фигура за која знам дека е лошо поставена и не можам да ја подобрам нејзината позиција – вели Карлсен

За пристапот кон шаховската игра

Се чувствувам како да сум имал два врва во кариерата, во 2013-2014 и во 2019 година. Во 2013-2014 најмногу се трудев да ја избегнам подготовката за противникот. Мислам дека моето интуитивно разбирање на шахот во текот на тие години отсекогаш беше малку подобро од другите, иако тоа исто така еволуира. Секако дека има работи што сега ги разбирам, а тогаш не, но тоа не е само за мене, тоа е и за другите. Тогаш бев помлад, па играв со повеќе енергија, што значеше дека можам да играм подобро во подолгите партии и турнири, што исто така беше неопходност за мене, оти не можев да ги победам играчите по отворањето.

За рејтингот од 2.900 поени

Во моментов мојот рејтинг, 2.861 поен, е солиден, оти мислам дека во голема мера одговара на нивото што го имам. Но за да стигнам до 2.900, би морал да се подобрам во играта, што мислам дека е доста тешко да се направи. Мислам дека е малку веројатно да се достигнат тие 2.900. Причината поради која си го поставив за цел овој рејтинг е да имам за што да играм. Сакам да играм, да победувам, што ми дава барем мотив да се трудам. Во моментов уживам во тој процес.

За светското првенство и неговиот формат

Мислам дека 12 партии или сега 14 за СП е малку ако сакате да одредите кој е најдобриот играч во светот и дека треба да има повеќе. Ако сакате да имате светски шампион и да го наречете најдобар играч, мора да бидете сигурни дека форматот ја зголемува шансата да се најде најдобриот играч. Значи да имаш повеќе партии, но тогаш треба да се намали контролата на времето, што, пак, мислам дека е исто така добра работа, оти со многу долги временски контроли може да се прикријат многу недостатоци на шахистот. Затоа мислам дека треба повеќе играње, а помалку време за размислување. Единствениот светски шампионат по 2013-та во кој навистина уживав беше оној во 2018 година против Американецот Фабијано Каруана. Она што го направи различно од другите е тоа што јас малку паднав во формата, а тој беше во подем. Рејтинзите ни беа толку блиски, што ако во кој било момент од мечот загубев партија, тој ќе беше рангиран како број еден во светот. И партиите беа многу изедначени. Сепак, многу повеќе сум горд на мојата серија на шахист оценет како број еден во светот отколку на победите на светските првенства.

Г.И.