ТЕНИС
Белорусинката Арина Сабаленка и Американката Џесика Пегула ќе играат во денешното финале на тенискиот гранслем-турнир САД опен, со почеток во 22 часот. Втората тенисерка во светот, Сабаленка, се пласира во финалето на САД опен, откако во полуфиналниот дуел ја совлада Американката Ема Наваро (12-та на ВТА-листата) со 2-0 во сетови 6-3, 7-6 (7:2). Натпреварот траеше еден час и 33 минути. Сабаленка на тој начин втора година во низа успеа да се пласира во финалето на овој турнир. Лани беше поразена од Американката Коко Гоф.
Ривалка на Белорусинката, домашната тенисерка Пегула, во полуфиналето ја совлада тенисерката од Чешка Каролина Мухова со 2-1 во сетови (1-6, 6-4, 6-2). Пегула, која е шеста тенисерка во светот, со самиот пласман во финалето на САД опен го постигна најголемиот успех во својата кариерата на гранслем-турнирите. Ова всушност ќе биде реприза на финалето од турнирот во Синсинати (САД), кое му претходеше на САД опен. Тогаш славеше Белорусинката. Г.И.