ОДБОЈКА
Македонија е домаќин на групата Ц на ЕП 2023, во која се и селекциите на Полска, Холандија, Чешка, Данска и на Црна Гора, кои во овој период се натпреваруваат во Лигата на нациите и во Златната европска лига
Противниците на машката одбојкарска репрезентација на Македонија на годинашново Европско првенство (ЕП), во групата Ц, која ќе се игра во Скопје во август и во септември, Полска, Холандија, Чешка, Данска и Црна Гора, играат со променлива форма во годинашниве натпреварувања во кои настапуваат, Лигата на нациите, односно Златната европска лига.
Првиот фаворит Полска, која игра во Лигата на нациите (настапуваат 16 селекции, а првите осум одат во четврт-финалето), засега има три победи и еден пораз и со резултат 9-8 во сетови е на шестото место со седум бода. Поранешниот олимписки, светски и европски првак Полска, второрангирана во Европа, ги победи Франција (3-1), Иран (3-2) и Бугарија (3-2), а загуби од Србија (0-3) во 4-то коло, освојувајќи 54 поени (18 во просек по сет). Во следното коло, викендов, на гости Полска ќе игра со Германија.
Во истото натпреварување Холанѓаните по четири кола се на седмата позиција и имаат, исто така, седум бода, со резултат 8-6 во сетови. „Лалињата“, кои се седморангирани во Европа, забележаа победи над Куба (3-0) и над Германија (3-0), а загубија од САД (0-3) и од Аргентина (2-3). Викендов ќе играат со Кина пред своите навивачи. На табелата засега најубедлива е Јапонија со 12 бода, а ја следат САД, Аргентина, Словенија и Бразил со по девет.
Во Златната европска лига, каде што игра и Македонија, пред вчерашните натпревари од петтото коло најдобро котираше Чешка (рангирана 13-та во Европа), која во групата Ц е прва на табелата со осум бода (сет-разлика 9-7) со три победи и еден пораз. Таа ги совлада Словенија (3-1), Финска (3-2) и Естонија (3-1), а загуби од Естонија (0-3).
Данска (рангирана 26-та), во групата А е трета со шест бода (6-7), остварувајќи по две победи и порази. Надиграни се Романија (3-0) и Португалија (3-1), а подобри од Данска беа Турција (0-3) и Португалија (0-3). Вчера играа на гости со Романија.
Во групата на ЕП 2023 во Скопје, Македонија (рангирана 25-та од вкупно 40 европски репрезентации) прво ќе се сретне со Данска (сите натпревари ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“). Првите четири репрезентации од групата ќе се пласираат во осминафиналето. Покрај Македонија, кодомаќини на ова ЕП се уште и Италија, Бугарија и Израел. Г.И.