Миновски со победникот Расулов и со Богдановиќ

Најуспешен македонски шахист е ВМ Кирил Георгиев, кој е седми, а најуспешна шахистка е Ивана Манова, која е на 40-то место

ШАХ – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „ОПЕН СКОПЈЕ 2022“

Велемајсторот (ВМ) од Азербејџан, Вугар Расулов (2.515 рејтинг-поени, рангиран четврти пред почетокот на турнирот), е победник на меѓународниот турнир „Опен Скопје 2022“, во конкуренција на 129 шахисти и девет шахистки (11 ВМ, 3 ИМ, 6 ФМ, 1 ЖФМ) од 15 држави. По девет кола, Расулов (31) освои 7,5 поени (шест победи и три ремија), половина поен повеќе од ВМ од Русија, Антон Демченко (2.645), кој е втор и ВМ од Романија, Владислав Неведничи (2.745), кој го освои третото место. По седум поени освоија и ВМ од Србија Синиша Дражиќ (2.355) и ВМ од Шпанија Олег Корнеев (2.466), но со послаб дополнителен критериум.
– Турнирот беше мошне квалитетен, возбудлив и помина во најдобар ред. Добра вест е што нашиот репрезентативец Андреј Велјаноски го надмина рејтингот од 2.300 рејтинг-поени и ја освои титулата ФИДЕ-мајстор. В година очекувам турнирот да биде многу посилен, каде што и македонските шахисти ќе можат да освојуваат шаховски норми и да се закитат со титулите интернационален мајстор и велемајстор – вели директорот на турнирот, Ѓорѓи Миновски.
Најуспешен македонски шахист е ВМ Кирил Георгиев (2.538), кој со 6,5 поени е седми, а најуспешна македонска шахистка е Ивана Манова (1.876), која е 40-та со пет поени.
Младиот 19-годишен репрезентативец Андреј Велјаноски (2.282) со 6,5 поени го освои осмото место и освои нови 34,8 рејтинг-поени. Од Македонците, 6,5 поени уште имаа и репрезентативците ВМ Звонко Станојоски (2,413), кој е 10-ти, ИМ Никола Николовски (2.359), кој е 12-ти, 14-годишната Моника Жежовска (1.952), која со пет поени и нови 56 рејтинг-поени е 42., колку што имаше и Сања Трајковска (1960), на 47-то место.

Андреј Велјаноски

За одбележување е и играта на 16-годишниот Иван Велкоски (1.380, рангиран 100-ти), кој со шест поени и освоени 187,6 рејтинг-поени е 20-ти. Најуспешна шахистка на турнирот е ЖФМ од Молдавија, Алина Михаилова (2.082), 24-та со 5,5 поени.
Наградниот фонд на турнирот изнесуваше 12.500 евра, поделен на 12 награди (победникот доби 2.800 евра), а се доделија и повеќе специјални парични награди. Меѓу нив беше и новововедената награда „Крум Митковски“, која како најдобри ја добија Жарко Селковски во категоријата слепи и шахисти со физички пречки и Антон Златков во категоријата најдобар аматер со рејтинг до 2.200 поени. Наградите на најдобрите им ги додели претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ. Г.И.