Првата група македонски спортисти што заминаа во Краков

На денешното свечено отворање на третите Европски игри македонски знаменосци ќе бидат Емил Павлов и Милијана Рељиќ. На Игрите во Краков, Македонија ќе ја претставуваат 17 спортисти во седум спорта

ЕВРОПСКИ ИГРИ ВО КРАКОВ, ПОЛСКА

Првата група македонски спортисти веќе пристигнаа на Европските игри (ЕИ), кои ќе се одржат во полскиот град Краков од денеска до 2 јули. Македонија ќе ја претставуваат 17 спортисти во седум спорта. Први за Краков завчера отпатуваа олимпискиот вицешампион Дејан Георгиевски и Анамарија Георгиевска (таеквондо), боксерите Озмен Илхан Атила, Ален Рустемовски и Арјан Исени, предводени од спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски. Вчера отпатуваа и македонските знаменосци на свеченото отворање на Игрите (закажано за денеска), двократниот европски првак и двапати трет, каратистот Емил Павлов (категорија над 67 кг), кој ќе настапи утре, и таеквондистката Милијана Рељиќ (до 62 кг), која ќе се натпреварува в недела. Олимпискиот вицепрвак од Токио, Георгиевски (над 87 кг), ќе настапи в понеделник.
– Имав успешни подготовки. Можам да кажам дека формата ми е на задоволително ниво и очекувам добар настап на татамите во Краков, а зошто не и медал – ни изјави најдобриот македонски каратист Павлов.
На Игрите во Краков 48 земји ќе се натпреваруваат во 29 спорта. Од нив, 19 се и квалификации за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година. За време на ЕИ ќе се одржат и натпревари од Европската атлетска лига (прва, втора и трета), на која ќе учествуваат и македонски атлетичарки и атлетичари. На првите ЕИ, во 2015 година, во Баку (Азербејџан), Македонија настапи со 12 спортисти, а бронзени медали освоија каратистите Павлов и Мартин Несторовски. На вторите ЕИ, во 2019 година, во Минск (Белорусија), учествуваа 45 спортисти од Македонија, но без освоен медал. Г.И.