Сребрениот медал од Параолимпијадата во Атина во 2004 година зазема почесно место во богатата ризница од трофеи на нашиот параолимпиец Ванчо Каранфилов, иако и освоеното европско злато има исто така голема вредност. Учесник е на пет параолимпијади и на по четири светски и европски првенства

ВАНЧО КАРАНФИЛОВ (2)

Спортската кариера на нашиот параолимпиец Ванчо Каранфилов, кој во 2004 година во Атина во стрелба со малокалибарски воздушен пиштол од 50 метри го освои сребрениот медал, беше со најголема вредност од сите медали што ги освои на светските и на европските првенства и на меѓународните купови. Среброто беше потврда и на неговите високи квалитети, зашто добро знаеме што значи да се освои медал на најголемата светска спортска приредба, во случајов Параолимпијада.
За Каранфилов тој медал значеше живот, стимул за иднината, зашто по тешката сообраќајка, кога беше принуден да тргне во друга насока, по која чекореа инвалидизираните лица, не можеше ниту да помисли оти ќе дојде денот кога и тој ќе се искачи на олимпискиот пиедестал. Сето ова беше резултат на неговата борбеност и верба во себе. Едноставно, откако по неколкугодишното закрепнување, по инсистирањето на првиот наш златен параолимпиец Бранимир Јовановски, се сврте со погледите кон иднината и во 40-та година од животот активно почна да се занимава со стрелачкиот спорт. Тука им покажа на сите оти човек, дури и кога мисли оти се наоѓа во безизлезна ситуација, никогаш не треба да се предава. Напротив, треба да се бори, зашто на крајот од краиштата и животот е постојана борба. Каранфилов, понесен токму од таа вистина, сакаше да им покаже на другарите, на пријателите, на сиот свет, оти тоа што доби траен инвалидитет не значи крај на светот и на неисполнетите желби, туку, напротив, тоа за него значеше почеток на еден „втор живот“.
И навистина беше така: Каранфилов брзо ја помина трансформацијата, што беше неминовна во вакви ситуации. Минуваше низ тешки периоди, но секогаш собираше сили да го надмине сето тоа.

ТРЕМАТА, СЕПАК, НЕ ГО СОВЛАДА

Вообичаено е речиси за секој дебитант на големите натпревари, кога во некој сегмент од натпреварот ќе постигне многу повеќе од очекуваното, да го обземе трема и едноставно таа да го „сотре“. Малку недостигаше да му се случи тоа и на Ванчо Каранфилов, и тоа на Параолимпијадата во Атина во 2004 година во финалната стрелба со малокалибарски пиштол од 50 метри.
– Во квалификациите имав најдобар резултат. Дури и самиот се подуплашив од моето постигнување, зашто бев свесен оти во финалната серија не само целите туку и јас ќе бидам „цел“ на многу поискусните светски асови, како Русинот Лебедински, Турчинот Јамак, Кинезот Ву, со еден збор на сите учесници во финалето. Морам да кажам дека почетната трема ме уништи. Првиот погодок ми беше 6,4, далеку од централната црна зона. Раката ми трепереше, никако не можев да ја скротам, сѐ до моментот кога пресеков самиот со себе и си реков, па кога можев во квалификациите да бидам најдобар, зошто и сега да не бидам оној истиот. Така, се смирив, ги вратив сигурноста и стабилноста на раката и од тие моменти почнав да ги нижам деветките и десетките. Собирав круг по круг и на крајот, по една жестока борба со кинескиот шампион, го загубив златото, но затоа, и покрај катастрофалниот старт во финалната серија, стигнав до сребрениот медал. Тоа беше успех што им донесе голема радост на сите што бевме таму, на целиот тим, потоа на нашиот амбасадор во Грција Ханџиски, кој ми пренесе една симпатична порака од тогашниот премиер Хари Костов. Имено, од него ми беше ветена убава парична награда. Но, од сето тоа ништо, освен што добив она што му следува на секој спортист што ќе постигне ваков успех: двапати по четири години спортска стипендија, а потоа како освојувач на медал на Параолимпијадата и доживотна спортска пензија. Бев среќен што на крајот од календарската година од најрелевантните спортски институции, особено и од МОК, бев прогласен за најдобар спортист на Македонија во 2004 година. Така, застанав рамо до рамо до сите македонски спортски великани – вели Каранфилов.

ГРСТ МЕДАЛИ ОД ЕП И ОД СП

Медалот од Атина, кој според сите спортски параметри има најголема вредност, сепак, не беше единствен. Напротив, пред и по неговото освојување Каранфилов беше носител на многу медали од европските и од светските првенства.
– Во богатата колекција медали, покрај среброто од Атина, имам уште по три сребрени и бронзени медали од светските првенства во Сантандер, Шпанија, 1998 година, Хвасунг, Ј. Кореја, 2002, Загреб, Хрватска, 2005 и Сул, Германија, 2009 и 2013, потоа шест медали, од кои еден златен, два сребрени и три бронзени, освоени на европските првенства во Шате нуар де ла Ројал, Франција, 1997, Винстед, Данска, 2001, Брно, Чешка, 2003 и Загреб, Хрватска, 2009.
Но, тоа не е сѐ. Каранфилов за да го потврди епитетот жетвар на медали во својата колекција има уште 21 златен, 13 сребрени и 15 бронзени медали, кои во својата 20-годишна кариера ги освои на настапите за Светскиот и на Европскиот куп.
– Сепак, кога се враќам на сеќавањата и на сѐ што ми носеше посебни радости, не можам а да не го споменам моментот кога во Есен, на куп во Германија, пред почетокот на натпреварите го видов огромниот пехар наменет за најдобриот стрелец. Не можев да издржам и дојдов до пиедесталот, каде што беше поставен пехарот и го бакнав. Се свртев кон нашите и им реков: Овој трофеј ќе биде мој. И навистина беше така, го освоив пехарот и си создадов проблем. Едноставно тој беше толку голем, што немаше каде да го сместам, па со помош на другите стрелци некако успеавме да го разглобиме и да го донесеме во Скопје. Потоа, нормално следуваше нова мака, склопувањето, но тоа одеше малку полесно – вели тој.

ЕВЕ ГИ, ДОЈДОА МАКЕДОНЦИТЕ

Во кариерата, не само на Каранфилов туку на сите наши параолимпијци има многу моменти за паметење. Сите тие, почнувајќи од оној што прв го скрши мразот Бранимир Јовановски, потоа Каранфилов, Фидановски, Јовановски и првата ѕвезда на нашиот женски параолимпизам Оливера Наковска Бикова (параолимписка шампионка од Лондон во 2012 година и светска првенка од Ал Аин годинава), станаа стрелци од кои сите стравуваа.
– Во последно време кога одиме на натпревари, ривалите веќе не велат еве ги стигнаа Русите или Кинезите, туку велат ќе биде тешко, дојдоа Македонците. Ова не е фалење, туку ова е вистина. Каде и да се појавевме, сите почнаа да стравуваат од нашата трофејна стрелачка дружина. Свесни беа за квалитетот што го имавме и нивниот страв, нормално, беше оправдан – раскажува со гордост Ванчо Каранфилов.
Уште една епизода, покрај многуте други за кои објективно нема место да се опишат на една страница во весникот, ќе им остане во пријатно сеќавање на Наковска Бикова и на Каранфилов.
– На Европскиот куп во Холандија, кој е многу респектабилен натпревар, се интонираше само македонската химна. Причината за тоа беа двете победи на Наковска Бикова во поединечна и во екипна женска конкуренција и моите победа во истите конкуренции. Така, штом заврши првото интонирање на нашата химна во чест на Бикова, почна второто во моја чест. Тукушто завршија овие две се продолжи со нови две интонирања за екипна женска, потоа и за екипна машка конкуренција. Гледачите беа одушевени и со громогласен аплауз нѐ поздравија, а добив впечаток оти и тие беа радосни зашто вакво нешто дотогаш немаа доживеано. Навистина во тие моменти се чувствувавме пријатно и бевме горди како Македонци, за она што го остваривме на стрелиштето – вели Каранфилов.
Ете, тоа беше приказната за нашиот трофеен параолимпиец Ванчо Каранфилов. Ова што го напишав е само еден дел од неговата кариера. Ако, пак, утре некој сака да го овековечи во книга, сигурен сум дека и илјада страници нема да бидат доволни за да се опише неговиот животен опус, кој по тешката сообраќајка, од бездна се издигна до спортските височини. Нашиот спортски ас ги совлада сите премрежиња и покажа дека човекот секогаш треба да има верба во себе и да биде оптимист, па дури и кога мисли оти е сѐ загубено, и тогаш во „вториот живот“, како што вели Ванчо, приказната може да има среќен и убав крај.