Првите двајца во машка и во женска конкуренција ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите в година, за предизвикувачи на светските прваци, Динг Лирен и Ју Венјун, двајцата од Кина

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ТУРНИРИТЕ НА КАНДИДАТИТЕ

Американецот Фабијано Каруана (2.786, рангиран прв пред почетокот на турнирот) го победи Хрватот Иван Шариќ (2.647, 58.) и е предводник на уште 31 шахист што славеа во првото коло од вкупно 11, на големиот турнир на ФИДЕ, на британскиот остров Ман, меѓу 106 велемајстори (ВМ), од кои 22 се со рејтинг над 2.700 поени. Турнирот е квалификациски, односно првите двајца во машка и во женска конкуренција ќе се пласираат за Турнирот на кандидатите во Торонто (Канада) в година, за предизвикувачи на светските прваци, Динг Лирен и Ју Венјун, двајцата од Кина.
Со оглед на тоа што разликата помеѓу овој и кој било друг турнир по швајцарски систем е фактот што фаворитите почнуваат веднаш со квалитетни противници, и не е изненадување што имаше неколку нерешени резултати или победи на послаби играчи според рејтингот. Од ремијата би се издвоиле на Американецот Хикару Накамура (2.780, рангиран втор) со Германецот Расмус Сване (2.646, 59-ти), Французинот Алиреза Фурузја (2.777, трет), со Украинецот Руслан Пономарјов (2.641, 60-ти), Холанѓанецот Аниш Гири (2.760, четврти) со Индиецот Раунак Сахвани (2.641, 61.), Индиецот Домарају Гукеш (2.758, петти) со Азербејџанецот Рауф Мамедов (2.640, 62.)…
Во женска конкуренција, пак, меѓу 50-те учеснички, од кои 15 со ВМ-титула, првите три фаворитки ремизираа, Русинката Александра Горјачкина (2.558, рангирана прва) со ИМ од Шпанија, Ан Буијашвили (2.400, 26-та), Александра Костењук од Швајцарија (2.525, втора) со ИМ од Естонија, Маи Нарва (2.399, 27.), а Украинката Марија Музичук (2.519, трета) со ВМ Транг Хоанг (2.398, 28.). Тие што веќе обезбедиле место на Турнирот на кандидатите, доколку на актуелниот турнир бидат на првите две места, им го отстапуваат своето место на следните учесници според пласманот. Г.И.