Првата маратонска трка во Бостон е одржана во 1897 година и на неа настапиле само 18 натпреварувачи. Годинава се одбележува и половина век од првата женска трка во 1972 година

ДЕНЕСКА ВО БОСТОН

Славниот Бостонски маратон, 126-ти по ред, ќе се одржи денеска, во вообичаениот априлски датум, откако лани поради пандемијата на ковид-19 беше одложен за октомври. Првата ваква трка во Бостон е одржана во 1897 година и на неа настапиле само 18 тркачи. Прв победник бил Џон Мекдермот со време од 2:55;10 часа, а идејата за одржување на маратонот потекнува од првите модерни Летни олимписки игри (ЛОИ) во Атина 1896 година. Годинава се одбележуваат и 50 години од првата официјална женска трка во 1972 година. По тој повод ќе настапи почесен тим составен од осум жени атлетичари и активистки за заштита на човековите права.

Бостонскиот маратон, според традицијата, се одржува на Денот на патриотите, а на него ќе има над 30.000 учесници во неколку категории. Во официјалната конкуренција годинава во Бостон, кој е еден од шесте „големи“ светски маратони, покрај Њујорк, Чикаго, Лондон, Берлин и Токио, ќе трчаат седум од последните осум победници, меѓу нив Кенијците, ланскиот победник Бенсон Кипруто и светскиот рекордер и двократен олимписки победник од Рио 2016 и од Токио 2020, Елиуд Кипчоге, кој победи и на првата голема маратонска трка годинава, во Токио, во март. Покрај нив ќе трчаат и други Кенијци, Лоренс Чероно (победникот во 2019), Џефри Кируи (2017), Јапонецот Каваучи Јуки (2018) и двојката од Етиопија, Леми Берхану (2016) и Лелиса Десиса (2015 и 2013) итн.

Квалитетот на женската трка годинава исто така ќе биде импресивен, бидејќи на стартната листа се 12 жени што трчале маратон под 2,23 часа. Лани победи Кенијката Дијана Кипјокеи, но за главна фаворитка се смета освојувачката на златниот медал на ЛОИ во Токио 2020 година, Перес Џепчирчир.
Паричните награди во Бостон ќе се движат од 150.000 долари за победниците во машка и во женска конкуренција. Второто место се наградува со по 75.000, третото место носи по 40.000 долари итн. За рекордни времиња на маратонот следуваат бонуси од 50.000 долари.

Повеќето учесници на маратонот во Бостон се луѓе што сакаат само да трчаат или да проверат дали можат да ја истрчаат делницата. Меѓу нив за истакнување е Џони Кели, локалната тркачка легенда, кој има победено на два маратона во Бостон, во 1935 и во 1945 година. Но она што е поневеројатно, е тоа што Кели стартувал на вкупно 61 Бостонски маратон и завршил 58!