Машката ракометна репрезентација ќе игра во групата Б, со Шпанија, Турција, Грција и со Алжир, женската ракометна репрезентација ќе игра во групата Б, со Србија, Португалија и со Турција, а машката одбојкарска репрезентација е во групата А, со Италија и со Египет. На 19-те Медитерански игри се очекува да настапат 3.434 спортисти, од 26 држави, во 24 спорта
Македонската експедиција на Медитеранските игри (МИ) во алжирскиот град Оран, кои ќе се одржат од 25 јуни до 5 јули, ќе има 109 спортисти, кои, пак, ќе настапат во 12 спорта.
Машката и женската ракометна репрезентација на Македонија веќе ги дознаа своите ривали со кои ќе ги одмерат силите на Медитеранските игри (МИ). Така, избраниците на селекторот Кирил Лазаров се во групата Б и ќе играат со селекциите на Шпанија, Турција, Грција и на домаќинот Алжир. Во групата Б, пак, се репрезентациите на Тунис, Словенија, Египет, Италија и на Србија. Лазаров претходно го објави поширокиот список за настап на Медитеранските игри, а потоа го скрати на 22 ракометари, во кој преовладуваат млади сили.
Осумнаесетте избранички на селекторот Љубомир Савевски, пак, исто така, се најдоа во групата Б, а за ривалки ќе ги имаат Србија, Португалија и Турција. Во А групата се домаќинот Алжир, Шпанија, Тунис и Хрватска. За Македонките, кои ќе настапат во комбиниран состав, ова ќе претставува добра увертира во настојувањето што поподготвени да го дочекаат Европското првенство (ЕП) во ноември годинава, на кое Македонија е еден од домаќините, покрај Словенија и Црна Гора. Подготовките на машката и на женската репрезентација на Македонија ќе почнат на 13 јуни.
На Медитерански игри во Оран ќе играат и машката и женската одбојкарска репрезентација, мажите се во групата А, со селекциите на Италија и на Египет, а жените се во групата Б, со репрезентациите на Грција, Тунис и на Египет.
Македонија на минатите МИ, одржани во 2018 година, во Тарагона (Шпанија), освои два златни, еден сребрен и три бронзени медали. На 19-те Медитерански игри во Оран се очекува да настапат 3.434 спортисти, од 26 држави, во 24 спорта.