ИН МЕМОРИАМ

Македонскиот ракомет вчера загуби голем човек и посветен работник на сите ракометни полиња откако ненадејно почина Филип Христов. Христов беше синоним за Металург, човек што повеќе од три децении беше дел од подемите и падовите на клубот од „Автокоманда“. Тој беше дел од најсветлите години на тимот што стана препознатлив бренд во ракометна Европа и еден од иницијаторите за формирање на ракометната Академија Металург, која беше препознаена како ракометен репрезентативен расадник во Македонија.
Покрај во машката екипа, Христов многу години беше раководно лице и еден од основачите на женскиот ракометен клуб Металург, бидејќи на негов предлог поранешниот женски клуб РК Скопје се соедини со новоформираниот Металург и така почна приказната и за денешниот женски тим. Христов го имаше последниот ангажман во Ракометната федерација на Македонија (РФМ) како дел од Натпреварувачката комисија.