Фото: Маја Јаневска-Илиева

Златната лига ќе биде како генерална проба за Европското првенство во август и во септември, рече новиот селектор Миленкоски. Македонија во Златната лига ќе се сретне со Белгија, Хрватска и со Украина, а летово ќе биде еден од четирите домаќини на ЕП, на групата Ц, во која се Полска, Холандија, Чешка, Црна Гора и Данска

ОДБОЈКА

Македонската одбојкарска репрезентација ги почнува подготовките за настап во Златната лига на Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ), каде што во групата Б ривали ѝ се Белгија, Хрватска и Украина. Македонија во новата сезона на Златната лига ќе биде предводена од новиот селектор Јошко Миленкоски, кој неодамна беше промовиран и кој беше селектор на Македонија пред петнаесетина години.
– Сега се враќам за да го продолжиме добриот тренд со настапи на европските натпреварувања. Златната лига ќе биде како генерална проба за Европското првенство во август и во септември – рече тој.
Хрватска и Украина лани игра на фајналфор-турнирот на Златната лига (Хрватска беше трета, Украина четврта), а Белгија во таа конкуренција го освои седмото место.
Репрезентацијата на Македонија со 20 одбојкари деновиве ќе го има првиот подготвителен дел, во Маврово. Црвено-жолтите првиот натпревар во Златната лига треба да го играат на 27 мај со Украина во Лоѓ (Полска), а првиот домашен дуел е со селекцијата на Белгија, четири дена подоцна, во Скопје. Преостанатите четири дуели се играат во јуни, и тоа со Хрватска (на 3 јуни дома и на 14 јуни на гости), Белгија (на 10 јуни на гости) и со Украина (18 јуни дома).
Македонија е еден од четирите домаќини на годинашното Европско првенство (ЕП), заедно со Италија, Бугарија и со Израел, а во Скопје ќе се играат натпреварите во групата Ц, во која се и репрезентациите на Полска (освојувач на бронза на ЕП 2021), Холандија, Чешка, Црна Гора и Данска, со која Македонија ќе игра во првото коло. Првите четири селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. За македонската репрезентација тоа ќе биде трето учество во низа на континенталните шампионати, по дебито во 2019 година, кога беше освоено 17. место, и во 2021 година, со пласман на 23-то место. Н.М.