Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски денеска ќе настапат во квалификациите во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри

ЕП ВО СТРЕЛАШТВО ЗА ПАРАОЛИМПИЈЦИ

Македонските стрелачи Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски во машка и Оливера Наковска-Бикова во женска конкуренција денеска ќе настапат на Параевропското првенство (ЕП) во стрелаштво, во норвешкиот град Хамар. Сите ќе настапат во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, предводени од селекторот Бранимир Јовановски.
Прв кај мажите, според стартната квалификациска листа, ќе настапи Јовановски, како 10-ти, а Каранфилов како 18-ти во конкуренција на 21 натпреварувач. Европскиот квалификациски рекорд (578 круга) го држи Русинот Валери Пономарјов, поставен на 7 септември 2008 година во Пекинг, Кина.
Олимпијката Наковска-Бикова, пак, ќе настапи во квалификациите како прва на листата во конкуренција на девет натпреварувачки. Квалификацискиот европски рекорд во оваа конкуренција (574 круга) е сопственост на Унгарката Кристина Давид, постигнат на 15 јуни 2021 година во Лима, Перу.
Најголеми шанси за медал има Наковска-Бикова, која пет пати во низа учествувала на Параолимписките игри (ПОИ). Наковска-Бикова на ПОИ во Лондон во 2012 година го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 м.