Со оглед дека Србија е фаворит во нашата група, шансата ја бараме во победа над Чешка и Данска. Клучен ќе биде првиот натпревар, кој ќе го играме со Чешка, додека против Данска сме фаворити, вели селекторот и играч на машката репрезентација, Димитар Димитровски
КУГЛАЊЕ – 10. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО МАШКА И ВО ЖЕНСКА КОНКУРЕНЦИЈА
Македонската машка и женска сениорска кугларска репрезентација од утре, па до 28 мај ќе бидат дел од 10.Светско екипно првенство (СП), кое ќе се одржи во хрватскиот град Вараждин. Избраниците на селекторот и играч на мажите, Димитар Димитровски, се во квалитетната група Б, каде што се селекциите на Чешка, Данска и Србија. Кугларките, пак, кои подолго време се отсутни од настапите на СП, предводени од селeкторот Перо Гијевски исто така се во групата Б, а ривали ѝ се селекциите на Австрија, Германија и Франција. Двете првопласирани селекции од секоја од групите ќе се пласираат во четврт-финалето. Македонија (мажи), ако се пласира понатаму, тогаш ќе вкрсти со групата Д (Хрватска, Франција, Полска и Романија), а кугларките исто така со групата Д (Данска, Унгарија, Србија и Словачка).
– За пласман во четврт-финалето, потребни ни се две победи. Со оглед дека Србија е фаворит во нашата група, шансата ја бараме во победа над Чешка и Данска. Клучен ќе биде првиот натпревар, кој ќе го играме в сабота со Чешка, додека против Данска сме фаворити. Добивме огромно засилување со Урош Стоклас, кој е повратник во репрезентација и игра во голема форма. Дамир Фучкар е константно добар и ова за него ќе биде последно СП и збогување од репрезентацијата. Легендата Борис Бенедик имаше едногодишна пауза поради здравствени проблеми, кои сега се надминати и веќе три месеци интензивно се подготвува за ова СП. Неговата форма не ја знам, но добро ги познаваме неговиот менталитет, борбеност и професионализам, па затоа ми дава верба дека ќе биде на високо ниво. Ние другите репрезентативци се подготвувавме интензивно, со мали повреди, кои ги имаат некои играчи, но верувам дека секој од нив е подготвен да го даде максимум – оптимист е селекторот Димитар Димитровски.
На последното СП во Тарново (Полска) 2021 година, Македонија не успеа да избори пласман во вториот круг, а боите ги бранеа: Димитар Димитровски, Дарко Димитровски, Дамир Фучкар, Борис Бенедик, Душко Ајдин, Ибрахим Мемеди, Сашо Трпковски и Пецо Димовски. Во Вараждин титулите ги бранат Хрватска во женска и Србија во машка конкуренција. Г.И.
Историско сребро во Залаегерсeг
Најголемиот успех македонската репрезентација го оствари пред десет години (2013), кога во унгарскиот град Залаегерсег го освои сребрениот медал. Во финалето загуби од домаќинот, додека во полуфиналето беше совладана Србија по пресвртот што го направија последните двајца македонски куглари, Дамир Фучкар и Урош Стоклас. Покрај нив, на тоа СП настапија уште Борис Бенедик, Бојан Влакевски, Сашо Трпковски, Ибрахим Мемеди, Александар Соколовски, Мартин Тодоровски и Кристијан Костов.
Македонија, мажи
Младен Донковски
Борис Бенедик
Дарко Димитровски
Дамир Фучкар
Сашо Трпковски
Урош Стоклас
Ибрахим Мемеди
Душко Ајдин
селектор и играч Димитар Димитровски
Македонија, жени
Елена Аврамовска
Билјана Гаврилова
Драгана Гаврилова
Мирјана Младеновска
Данче Наумовска
Емилија Переска
селектор: Перо Гијевски
Распоред, мажи
20 мај: Чешка – Македонија 11.40 ч.
22 мај: Македонија – Србија 19 ч.
24 мај: Данска – Македонија 11.40 ч.
Распоред, жени
19 мај: Германија – Македонија 11 40ч.
21 мај: Австрија – Македонија 08 ч.
23 мај: Македонија – Франција 11.40 ч.