Не ли ви е срам од машиновозачот?

Откако се случи морбидното десеткратно убиство во основното училиште во Белград, а потоа се повтори и кај Младеновац, секојдневно добиваме вести од регионов дека и други малолетници најавуваат слични масакри. Тоа се шири како нова корона меѓу младите. И сведоци сме секојдневно на цела поплава стручни коментари од психијатри, лекари, социолози. Сите тие се шокирани од фактот дека таа агресија долго тлеела во општеството и се туркала „под килим“, дека сите сме виновни за тоа, дека семејствата се распаднале, дека школите се распаднале, дека воспитанието исчезнало (Боже, каква „навремена“ перцепција!) Тоа е сцена за трагикомедија: возило за итна медицинска помош со гласни сирени, стигнува на гробишта додека гробарите го затрупуваат гробот. Додека умни луѓе со децении зборуваа што нè чека со некритички однос кон технолошкиот и информативен, главно визуелен бум („тиранија на сликата“), платената стручна „свест“ на општеството молчеше, мислејќи дека критичарите претеруваат. Е сега, кога ѓаволот дојде по своето, сите тие стручњаци дојдоа до генијален заклучок: дека ѓаволот е црн и дека тешко ќе го забележиш на црн ѕид, особено ноќе.
И дека е БЕСЧУВСТВИТЕЛЕН. Тоа им е главниот збор-дијагноза за сите овие „здивени“ малолетници. Бесчувствителност, недостиг од емпатија. А од каде таа бесчувствителност, драги мои?
По што тоа бесчувствителноста на тие две момчиња се разликува од бесчувствителноста со која политичарите во Македонија си ги зголемија платите за речиси 80 отсто, и тоа во време кога народот сè почесто ги посетува контејнерите како синџир маркети на народен „Лидл“? Кај убијците, велат шокирано психијатрите, не само што немало емпатија туку немало ни каење за она што го сториле. А кај политичарите? Почувствува ли некој од нив, кога ги примија зголемените плати, грижа на совест, сети ли некој каење? На прсти се бројат оние што покажаа НЕЛАГОДНОСТ и тоа беше сè. Повеќето ни тврдеа дека зголемувањата на платите се заслужени (дури и уставно задолжителни?!), бидејќи тие, политичарите, носеле историски одлуки во историско време. А земјоделецот? Зар тој не носи историска одлука кога решава да не ја продаде нивата и да фати Австралија, туку повторно да ја посее, иако со години жнее само зијан? А младите? Зар тие не носат исто така историска одлука да останат овде и да го завршат факултетот, да ѝ се најдат на татковината во „пресудните“ моменти, наместо за пристојна плата да работат нешто по Европа? Па сепак, ни едните добија покачување на земјоделските субвенции, ни другите добија повисоки стипендии. А писателите? Во февруари, Друштвото на писателите награди четворица со наградите на нашите великани Стале Попов, Ацо Шопов, Димитар Митрев и Ванчо Николески.
Паричните износи на сите четири награди заедно не достигнуваат колку една плата на функционер, а до денес не се исплатени, и покрај сите напори на ДПМ. Зар тоа е терезијата на вредности на ова „историско“ време – еден жив „историски“ политичар вреди колку четворица покојни книжевни великани со чии имиња се именувани наградите и наградени нивни наследници?
А што да се каже за машиновозачот? Зар тој, кога пред некој ден му се запали локомотивата пред Велес, и самиот опкружен од пламени јазици, не донесе историска одлука – да ја откачи локомотивата од вагоните, за пожарот да не се прошири на нив? Можел жив да изгори, да го разнесе експлозија. Е тоа е историска одлука, а не онаа што ја носиш со удобно сместен орган за седење, во фотелја и под клима. И ниеден медиум не му го кажа името, не направи репортажа за него. Ако, така и ни треба. Нека ни се угледуваат децата на масовни убијци и бесчувствителни политички старлети наместо на вакви херои. Тој требаше да биде на вести пред сите политичари бар тој ден, да биде херој на месецот и годината. Зошто никој не јави колкава плата зема тој „неисториски“ машиновозач-херој? Наместо репортажа за него, медиумите нè бомбардираа со изјави на бесчувствителни политичари, кои нè убедуваат дека водат чувствителна (бидејќи одродени од родот и јазикот, тие велат сензитивна) политика во исклучително деликатни историски услови?
Се срами ли бре, некој во оваа држава?
Затоа, бесчувствителноста не доаѓа САМО од видеоигричките, интернетот и „галаксијата на сликата/иконичното“, како што и самиот пишував минатата среда. Тоа е само половина од проблемот. Ова е вториот дел: политиката е еден од најголемите резервати на бесчувствителност денес. Онаа бесчувствителност и агресијата на социјалните мрежи многу често се реплика токму на политичката бесчувствителност. Тоа е она старозаветното, на суровиот Јахве: око за око, заб за заб. На политичката бесчувствителност на политичарите се реагира, природно, со најбрутални „народни“ коментари.
Не е тоа така само со нашата политика: и регионално и глобално е така. Чувствителност ли е да навредуваш цела една нација, јазик и култура, само затоа што денес си европски пратеник, а до вчера твоите „митници“ можеа да бидат поткупени со кутија „камел“ за шверц на црни мрежести чорапи, кои потоа служеа за нешто друго? Чувствителност ли е да држиш цела една мултинационална гладна држава пред портите на европскиот замок, како што прават европските напудрени смешни прециози, и одвреме-навреме да фрлаш понекоја трошка леб од кулата, но секоја од нив да биде загорчена со реченицата „Ќе јадете леб и вода ќе пиете, ама ако го направите тоа и тоа!“
Нашите стари велат: дај му да пие и да јаде колку сака, да прави што сака, за да му го видиш умот. Тоа е идеална дефиниција за „Евровизија“: јас така ја доживеав последнава. Некои од учесниците, боже прости ми, изгледаа како од лудница излезени. Глупирање, болни амбиции, привлекување внимание со бои (како пауни на парење), голо месо, налудничави изрази на лица, фризури како да ги плеснала струја од 220 волти, експлозии од светлосни ефекти… имаше сè, само МУЗИКА не. Едвај неколку песни ми останаа во слухот и тие отпаднаа. „Евросонгот“ стана агресивна СЛИКА што му се обраќа на окото (И вреска: „Сакај ме, сакај ме!“), а не МУЗИКА за увото. И затоа немаше ни ЧУВСТВА: нема емоција без музика. Обична парада на ОДГЛУМЕНИ чувства, во која најискрениот емотивен потег беше средниот прст што Французинката со право им го покажа на музичките морони во публиката и во жирито, не плашејќи се од „говор на омраза“.
А некогаш беше поинаку со чувственоста. 1971 година е. Имам седум години и со „фиќото“ одиме на море. Ни се дупнува гума кај Рожаје. Татко ми нема резервно тркало: го оставил дома, за да може напред, во „хаубата“ да стави уште една патна торба. Застанува, без да кренеме рака, човек од Рожаје, исто така со „фиќо“. Ни го дава своето резервно тркало и само на едно ливче ни запишува адреса. На враќање, одиме кај него. Му го враќаме тркалото. Ручаме кај него. Се збратимуваме. Ви се верува? Ама така нè учеа политичарите тогаш: на чувство за другиот, на братство и единство. Нека биле тоа и слики на чувства (во идеологијата чувствата често се само пропагандни слики), но во животот, народот од тие слики правеше реални чувства. И пријателства, а не потегнуваше пиштоли.