Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прв противник на Македонија, вечерва во Скопје, ќе ѝ биде селекцијата на БиХ

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Со првиот вечерашен натпревар против Босна и Херцеговина во Скопје (арена „Борис Трајковски“, 20.15 часот), Македонија ги започнува натпреварите во годинашното издание на Европската сребрена лига, во групата Б, во која се уште Албанија и Романија. Во групата А се Унгарија и Финска (Азербејџан го откажа настапот н.з.). На фајналфор-турнирот што ќе се одржи на 18 и 19 јуни во Будимпешта ќе настапат Унгарија, Финска и двете првопласирани селекции од групата Б.
Победникот во Сребрената лига ќе си обезбеди учество во Европската златна лига во 2023 година, како и парична награда од 50.000 евра.
Македонија, која на досегашните седум настапи во оваа конкуренција има освоено четири втори и по едно трето и четврто место, е меѓу фаворитите за конечен триумф, покрај Унгарија, Финска, која дебитира во ова натпреварување, и Романија, победникот од 2019 година.
– Нашите желби и амбиции се да се мине групната фаза и потоа на завршниот турнир да се обидеме да победиме. Нема да биде лесно, но имаме квалитетен тим што е комбинација на искуство и на младост, добро сме подготвени, мотивирани сме. Очекувам победа на првиот меч, потоа ќе размислуваме за следниот противник, Романија – вели селекторот на Македонија, Ратко Павличевиќ.
Синоќа во првиот меч од првото коло во Тирана играа репрезентациите на Албанија – Романија.


Мечеви на Македонија во група Б

Македонија – БиХ денеска
Романија – Македонија сабота
Македонија – Албанија 1 јуни
Албанија – Македонија 4 јуни
Македонија – Романија 8 јуни
БиХ – Македонија 11 јуни

Фајналфор-турнир во Будимпешта 18 и 19 јуни