ЗАГРЕБ
Третиот ваков турнир за годинава вчера требаше да заврши со одржувањето на турнирот во брз шах. Вкупниот награден фонд е 175.000 долари, од кои 40.000 долари за вкупниот победник, а се доделуваат и бодови за Големата шаховска турнеја
Американскиот велемајстор (ВМ) Фабиано Каруана (2.796 рејтинг-поени), победи на турнирот во забрзан шах (двапати по 25 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег) во рамките на Големата шаховска турнеја, во Загреб (Хрватска), кој вчера требаше да заврши со одржувањето на турнирот во брз шах со 18 кола (двапати по пет минути плус две секунди). Вкупниот награден фонд е 175.000 долари, од кои 40.000 долари за вкупниот победник, а ќе се доделуваат и бодови за Големата шаховска турнеја.
На вториот од трите турнири со вакво темпо на игра, а вкупно трет од Големата шаховска турнеја за годинава, наречен Суперобединет турнир, настапија 10 играчи, а по девет кола Каруана, кој славеше на вториот турнир, во класичен шах, освои 7,5 поени (шест победи и три ремија). Втор е Весли Со (рејтинг 2.757) со шест поени (три победи и шест ремија), а трет е Левон Аронијан (2.729) со 5,5 поени (четири победи, три ремија и два пораза) и двајцата од САД. Играше и следниот предизвикувач на светскиот првак, Индиецот Домарају Гукеш (2.763), кој е седми со 4,5 поени (по три победи, ремија и порази).
Резултати деветто коло: Со – Фирузја реми, Вашер-Леграв – Каруана 0-1, Гукеш – Шариќ 1-0, Гири – Аронијан 0-1, Видит – Непомнијашчи 0-1. Табела: Каруана 7,5 поени, Со 6, Аронијан 5,5, Фирузја 5, Непомнијашчи 5, Вашер-Леграв 5, Гукеш 4,5, Гири 3, Гујрати 2, Шариќ 1,5. Г.И.