При нерешен исход по тајбрејкот, Карлсен јавно му рече на Непомнијашчи да предложат поделба на круната. Во согласност со правилникот на настанот, барањето беше испратено до претседателот на ФИДЕ, Дворкович, кој, пак, го прифати предлогот и беше договорено двајцата да го поделат првото место. „Ако продолжевме, кој било ќе победеше поради исцрпеност, а тоа ќе беше сурово за двајцата“, рече Карлсен. „Тоа беше долг и исцрпувачки меч каде што морав да се вратам по две загубени партии“, додаде Непомнијашчи
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БРЗ ШАХ
Светското првенство (СП) во 2024 година во брз шах (три минути, плус две секунди по секој потег) заврши мошне драматично во Њујорк (САД). Норвежанецот Магнус Карлсен (2.890 рејтинг-поени, рангиран прв пред почетокот) и Русинот Јан Непомнијашчи (2.770, 9.) ја поделија титулата по одиграниот тајбрејк, кој по седумте партии заврши без победник 3,5-3,5. Кај шахистките, Ју Венјун (2.480, трета) од Кина триумфира во финалето на дуелот со сонародничката Леи Тингџие (2.491, прва) со 3,5-2,5, што е прва нејзина титула.
Додека Азија и Европа го прославуваа доаѓањето на 2025 година, на другата страна на Атлантикот, 16 велемајстори, осум на отворениот турнир (меѓу 180 шахисти) и осум во женска конкуренција, кои обезбедија пласман понатаму по 13-те кола (меѓу 110 шахистки), се бореа во нокаут-фазата, која следуваше по регуларниот дел, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Бранителот на титулата, Карлсен (кој сега ја освои осмата титула), до финалето ги совлада Американецот Ханс Ниман (2.709, 18-ти) и Полјакот Јан-Кжистоф Дуда (2.776). Непомнијашчи, пак, го победи новокрунисаниот шампион во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди по секој потег), Русинот Володар Мурзин (2.629, 41.), а во полуфиналето и Американецот Весли Со (2.803, четврти). Во финалето, Карлсен беше на работ на победа, откако поведе со 2-0 во меч од четири партии, но Непомнијашчи, сепак, направи големо враќање, добивајќи ги следните две партии, за да го израмни резултатот. Следните тајбрејкови се одликуваа со три остри и исцрпувачки партии, при што ниту еден играч не успеа да освои цел поен и резултатот беше 3,5-3,5.
Во тој момент, Карлсен јавно му рече на Непомнијашчи да предложат поделба на круната. По малку размислување, Непомнијашчи прифати. Двајцата му го објаснија својот став на главниот судија, тврдејќи дека се уморни, а и покажале дека се израмнети.
– Ако продолжевме, која било страна ќе победеше поради исцрпеност, а тоа ќе беше сурово за двајцата – објасни подоцна Карлсен.
Во согласност со правилникот на настанот, кој му дозволува на претседателот на ФИДЕ да ја донесе конечната одлука во непредвидени околности, барањето беше испратено до претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, кој, пак, го прифати предлогот и беше договорено двајцата да го поделат првото место, без да биде доделен сребрен медал.
– Верувам дека публиката можеше да разбере дека и двајцата бевме многу уморни и нервозни. На некои луѓе ова ќе им се допадне, на некои луѓе не. Но тоа е она што е – рече Карлсен.
Непомнијашчи изрази задоволство од исходот. Третото место им припадна на Дуда и на Со.
– Тоа беше долг и исцрпувачки меч каде што морав да се вратам по две загубени партии – додаде Непомнијашчи.
Женското СП во брз шах, пак, беше еднакво привлечно, кулминирајќи со целосна кинеска пресметка меѓу актуелната светска шампионка во класичен шах, Венјун Ју, и Леи Тингџие, која во 2023 година загуби од Венјун. Венјун, на која ова ѝ е прва ваква титула, доминира во првите кола, победувајќи ја во четврт-финалето бранителката на титулата во брз шах, Русинката Валентина Гунина (2.374, 17-та), а потоа во полуфиналето и Индијката Ваишали Рамешбабу (2.359, 21.). Тингџие се соочи со потежок пат, тесно елиминирајќи ги во четврт-финалето Казахстанката Бибисара Асаубајева (2.443, шеста) и во полуфиналниот тајбрејк Русинката Катерина Лагно (2.444, петта), која е трикратна шампионка во брз шах. Во финалето се одиграа пет исцрпувачки партии, а сите завршија нерешено. Во вториот дел од тајбрејкот, Венјун со бели фигури ја искористи првата предност за да ја обезбеди титулата, пишува ФИДЕ.
– Двете одигравме многу добро, а јас имав среќа. Овој турнир беше и предизвикувачки и возбудлив – изјави Венјун.
СП во брз шах воведе неколку новитети. Не само што беше променет форматот за да се воведе натпреварување со нокаут-систем, што го направи турнирот попривлечен, туку ова е и првиот модерен турнир на ФИДЕ што трае две години, почнувајќи од 2024 година и завршувајќи во поголемиот дел од светот во 2025 година. Комбинирајќи елитен шах и празничен дух, салата на Волстрит понуди соодветна сцена за возбудлив крај на годината во која ФИДЕ ја прослави својата прва стогодишнина оставајќи ги навивачите со многу импресии, но и дебати околу тоа што сѐ се случуваше. Од тоа што Карлсен одби да игра ако не носи фармерки и фактот што првпат во историјата на ФИДЕ двајца шахисти станаа светски прваци.
Претходно, во рамките на ова СП, на турнирот во забрзан шах шаховскиот свет доби нови крал и кралица. Русинот, 18-годишниот Володар Мурзин (2.588), влезе во историјата како втор најмлад шахист што триумфирал на СП во забрзан шах, а третите места ги освоија Со и Русинот Александар Гришчук (2.668, 21.). Индијката Хампи Конеру (2.431) ја освои својата втора светска круна во ова натпреварување, а трети беа Венјун (двократна победничка) и Лагно. Г.И.