Фото: Маја Јаневска-Илиева

За да добиеме нови велемајстори, треба да имаме повеќе интернационални мајстори, за да добиеме нови интернационални мајстори, пак, треба да имаме повеќе ФИДЕ-мајстори, а за да добиеме нови ФИДЕ-мајстори, треба да имаме повеќе мајсторски кандидати. Значи, треба да имаме што е можно повеќе млади, но квалитетни шахисти, кои ќе напредуваат преку силните клубови, кои, пак, ќе направат силна шаховска федерација, за на крајот да имаме и силни велемајстори, кои успешно ќе ги бранат клупските и репрезентативните бои, вели шаховскиот тренер, ИМ Орце Данчевски

Македонија екипно мажи, на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во ноември, загуби едно место во однос на октомври и сега е 55-та (со просечен рејтинг на првите десет играчи од 2.442 поени, минус два во однос на минатиот месец), меѓу 200 шаховски федерации од целиот свет. Македонија екипо жени, пак, остана на 57-то место (1.932, минус два поена), исто така, меѓу 200 држави.
Кај мажите, први се САД (2.726), пред Русија (2.711) и Индија (2.694), а кај шахистките води Кина (2.470), пред Русија (2.455) и Индија (2.415). Македонскиот шах е далеку од светскиот врв, што е нормално ако се имаат предвид бројот на шахисти и шахистки, бројот на велемајстори, вниманието што ѝ се посветува на древната игра, условите…
Но како да се надмине сегашниот статус, кој претходниве години гравитира меѓу првите 50 во светот, односно да се подобри 50-та позиција и, секако, што повеќе шахисти да се стекнат со нови шаховски титули, велемајстор (ВМ), интернационален мајстор (ИМ), ФИДЕ-мајстор (ФМ)?
– За да добиеме нови велемајстори, треба да имаме повеќе интернационални мајстори, за да добиеме нови интернационални мајстори, пак, треба да имаме повеќе ФИДЕ-мајстори, а за да добиеме, пак, нови ФИДЕ-мајстори, треба да имаме повеќе мајсторски кандидати. Значи, треба да имаме што е можно повеќе млади, но квалитетни шахисти, кои ќе напредуваат преку силните клубови, кои, пак, ќе направат силна шаховска федерација, за на крајот да имаме и силни велемајстори, кои успешно ќе ги бранат клупските и репрезентативните бои. Секако, за ваков успех е потребна и силна финансиска поддршка, оти е неизбежна работата со младите шахисти преку многубројни тренинзи, кампови, турнири и слично, а без финансиски средства, тешко ќе може да се реализира тоа – вели искусниот професионален шаховски тренер, ИМ Орце Данчевски.
Русија има најмногу ВМ (256), ИМ (549), потоа се САД (101 ВМ и 166 ИМ), Кина (48 ВМ и 39 ИМ). Според податоците на Светската шаховска федерација, Македонија засега има десет велемајстори (Никола Митков, Влатко Богдановски, Трајко Недев, Кирил Георгиев, Звонко Станојоски, Драгољуб Јаќимовиќ, Роландо Кутиров, Александар Чоловиќ, Владимир Георгиев, Тони Најдоски), како и 11 активни шахисти со титулите интернационален мајстор.

Од нив, Филип Панчевски има две норми за велемајстор (и исполнет услов од 2.500 рејтинг-поени), а му недостига уште една норма, т.н. бал. Никола Николовски има еден бал за велемајстор, му недостигаат уште два, Тони Лазов засега нема бал за велемајстор, а искусниот Атанас Кизов има еден бал за велемајстор, му недостигаат уште два.
Кај шахистките, пак, има една со титулата женски ИМ (ЖИМ), Габриела Коскоска, а со титулата ЖФМ се Лидија Софревска-Андонова, Весна Секуловска и Билјана Веруш, но без бал за повисока титула. Моника Стојковска има три бала за ЖИМ, ѝ недостига последниот услов, а тоа е рејтинг од 2.300 поени, за и официјално да ѝ биде верификувана титулата од Светската шаховска федерација.
– Проблемот на младите шахисти во Македонија е во слабата конкуренција, немаат многу можност да играат со подобри шахисти, а со тоа да имаат и шанса да освојуваат нови титули. Тие што играат надвор, веднаш се гледа дека напреднаа. Играњето турнири и финансиската мотивираност се основата за напредок на шаховското поле, а со тоа и освојување нови шаховски титули – вели искусниот ИМ Атанас Кизов.
Македонија во моментов меѓу 1.222 регистрирани активни шахисти, според податоците на Светската шаховска федерација, има 23 шахисти со титулата ФИДЕ-мајстор, од кои последен е младиот репрезентативец Андреј Велјаноски (18), кој на годинашниот меѓународен шаховски турнир „Опен Скопје“ ја надмина границата од 2.300 рејтинг-поени, што е основен услов за стекнување на титулата ФИДЕ-мајстор.
Од другите ФИДЕ-мајстори, најблиску до следната повисока титула, интернационален мајстор, се уште Дејан Динев, Емил Ристески и Зоран Стојчевски, сите со по две исполнети норми за интернационален мајстор, а им недостига уште една.
– Од селекторска гледна точка, македонскиот шах одамна нема развојна стратегија, ниту план на активности, се работи само на исполнување активности од планираниот календар. Немаме комуникација за тоа како ќе се подготвуваат наредната година нашите претставници репрезентативци ниту дали ќе имаат свој настап некаде. Уште има време да се стори нешто, но некако како во преден план да е организацијата на турнири. Значи, потребно е веднаш да се направи стратегија за развој на шахот изработена од стручната фела и да се предвиди финансиски буџет за исполнување на таа стратегија, иако веќе доцниме. А сето тоа е и еден од условите некои квалитетни шахисти да се стекнат и со повисоки титули – вели актуелниот селектор на машката шаховска репрезентација, ВМ Трајко Недев.


НАЈБЛИСКУ ДО НОВИ ТИТУЛИ

ИМ Атанас Кизов еден бал за ВМ
ИМ Никола Николовски еден бал за ВМ
ИМ Филип Панчевски два бала за ВМ
ФМ Зоран Стојчевски два бала за ИМ
ФМ Дејан Динев два бала за ИМ
ФМ Емил Ристески два бала за ИМ
ЖФМ Моника Стојковска три бала за ЖИМ,
ѝ недостигаат рејтинг-поени

[email protected]