Фото: Маја Јаневска-Илиева

На турнирот се поканети клубови од околните земји, односно од Црна Гора, Србија, Бугарија, Албанија, Грција и од Косово. По завршувањето на пандемијата на коронавирусот и отворањето на границите, очекуваме учество на повеќе од 500 натпреварувачи, вели тренерот на Металург, Јанушевски

КАРАТЕ – УТРЕ, ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА КК МЕТАЛУРГ

Годинашново јубилејно 40-то издание на традиционалниот меѓународен меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“, во организација на еден од најтрофејните карате-клубови во Македонија, Металург, кој годинава слави 54 години од своето формирање, ќе се одржи утре, во спортската сала „Методи Андонов-Ченто“, во дворот на ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во скопската населба Маџари. Почетокот на турнирот е во 10 часот, а свеченото отворање е предвидено за од 12 часот. Прво на татамите ќе бидат натпреварите во кати, поединечно и екипно, а потоа ќе следуваат натпреварите во борби, поединечно и екипно.
– Во чест на секогаш присутното пријателство, кое постоеше помеѓу младите и Никола Грдановски-Нике, кој трагично почина на 26 јануари 1979 година, како и неговата голема љубов кон карате-спортот, востановен е овој традиционален меѓународен меморијален карате-турнир, кој со успех се одржува. Каратистот Грдановски беше еден од основачите на карате-клубот Металург, а наедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате-спортот со црн појас прв степен. Овој турнир е со најдолга традиција и репутација во сениорска конкуренција, во борби и во кати, во Македонија, а досега многу квалитетни поединци, екипи и репрезентации биле учесници, притоа покажувајќи ги своите вештини во овој динамичен спорт – вели искусниот тренер на Металург, Мирче Јанушевски.
Годинашниот меморијален турнир ќе се одржи во поединечна и во екипна конкуренција во дисциплините кати и борби, во старосните категории од пионери, па сѐ до постари јуниори (до 21 година).

– На турнирот се поканети карате-клубови од околните земји, односно од Црна Гора, Србија, Бугарија, Албанија, Грција и од Косово. По завршувањето на пандемијата на коронавирусот и отворањето на границите, очекуваме учество на повеќе од 500 натпреварувачи од Македонија и од странство, кои со своите натпреварувачки вештини ќе ги покажат и убавините на карате-спортот – вели Јанушевски.
Лани на турнирот настапија 30 клуба, со вкупно 245 борби на татамите во старосните категории петлиња и помлади пионери, надежи, кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година) во борби и во кати, во различни тежински категории. Најдобар клуб и наедно најмасовен беше Елди-Кан од Скопје, со освоени 16 златни, 13 сребрени и осум бронзени медали, второто место му припадна на Ѓорче Петров (10 златни, три сребрени и два бронзени медали), а трет беше Металург (седум златни, четири сребрени и пет бронзени медали). За најдобар натпреварувач во конкуренцијата кадети-јуниори беше прогласен Рудина Алиу од КК Цветан Димов, а најуспешен во екипна конкуренција на пионери и помлади кадети беше ката-тимот на КК Елди-Кан. Г.И.