ОДБОЈКА – ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Украина, Турција и Хрватска одново ќе настапат на фајналфор-турнирот во Златната европска лига. Чешка на едно коло пред крајот на групната фаза има три бода повеќе од второпласираната Естонија и игра со последнопласираната Словачка. Турција, Хрватска, Украина и Чешка и лани играа во завршницата на ова натпреварување, кога победи Чешка

Репрезентациите на Украина, Турција и домаќинот Хрватска ќе играат на фајналфор-турнирот во Златната европска лига во одбојка, а многу блиску до пласман во полуфиналето е и Чешка. На едно коло пред крајот на групната фаза, Украина и Турција ги обезбедија првите места во двете групи, а Чешка е на добар пат да го стори тоа во последното коло во групата Ц (има три бода повеќе од второпласираната Естонија и игра со последнопласираната Словачка). На турнирот директно се пласира Хрватска, како домаќин.

Турција, Хрватска, Украина и Чешка се всушност истите селекции што и лани играа во завршницата на ова натпреварување, исто така во Хрватска, а сега ќе се борат за нова титула. Лани во Вараждин славеше Чешка, која во финалето ја победи Турција со 3-1, а Хрватска со 3-2 беше поуспешна од Украина во мечот за третото место.

Машката репрезентација на Македонија во Златната европска лига (група Б) и женската репрезентација во Сребрената европска лига (група А) претрпеа порази во петтото коло. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски загубија на гости во Задар од Хрватска со 2-3 (25-20, 17-25, 23-25, 25-16, 13-15). Никола Ѓоргиев со 22 поена беше најефикасен кај Македонците, а ист ефект кај Хрватите оствари Петар Дрилиќ. Четврти пат во низа Македонија и Хрватска играат пет сета во меѓусебните дуели, а во вкупно шесте натпревари одиграни досега, меѓусебниот резултатот е нерешен, 3-3. Како и во Скопје, и овој пат беше максимално неизвесно, а со победата Хрватите ги освоија првите бодови во групата Б. Од оваа група пласман на фајналфор-турнирот обезбеди Украина, која има пет максимални победи, а Македонија засега е трета со шест бода. Турција победи во групата А, а Чешка води во групата Ц (и двете досега имаат по 11 бода). Македонија последниот меч од ова натпреварување сезонава ќе го игра в недела (20.15 ч.) во Скопје со Украина.

Македонските одбојкарки имаа три сет-топки, но не освоија сет и загубија со 0-3 (19-25, 17-25, 29-31) на гостувањето во Летонија. Тамара Стојанова со 11 поени беше најдобра во редовите на Македонија, а Марта Левинска со 19 кај Летонките. Македонија е без освоен бод и сет како дебитантки во оваа лига. Во шестото коло утре Македонија гостува во Австрија (17 ч.).

Од оваа група на фајналфор-турнирот се пласираа Естонија и Австрија (група А) и Црна Гора и Португалија (група Б). Сите пред одигрувањето на последното шесто коло имаат по 12 бода. Г.И.