Селиванов (лево) му ја врачува наградата на Гавриловски за успех на Вотка-турнирот на Светскиот конгрес на шаховската композиција во Охрид во 2018 г.

Тој постигна голем успех и во т.н. ортодоксни групи, освојувајќи го четвртото место во матови во четири и повеќе потези, шестото во три потези и седмото место во двопотези

ОСМО СВЕТСКО ИНДИВИДУАЛНО ПРВЕНСТВО ВО КОМПОНИРАЊЕ ШАХОВСКИ КОМПОЗИЦИИ

Истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски (54) повторно постигна огромен успех, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал во групата самоматови на 8. Светско индивидуално првенство во компонирање шаховски композиции (СИПК) за периодот од 2019 до 2021 година. За Гавриловски, кој составува шаховски проблеми од 1984 г., а од 2000 г. го уредува и издава списанието „Македонски проблемист“ (кое организира годишни и специјални меѓународни турнири), ова е всушност одбрана на овој медал од претходното СП (2016 до 2018). Златото во оваа група му припадна на неприкосновениот Андреј Селиванов од Русија, кој убедливо победи и на последните седум СИПК (2001-2021).
На 8. СИПК, во кое по пет судии во осум групи оценуваа шаховски композиции (проблеми во седум групи и студии), објавени во тригодишен период, Гавриловски постигна голем успех и во т.н. ортодоксни групи, освојувајќи го четвртото место во матови во четири и повеќе потези, шестото во три потези и седмото место во двопотези. Солидни успеси остварија и мајсторот Иван Денковски, кој беше осми во ретропроблемите, интернационалниот мајстор Златко Михајлоски, деветти во помошни матови, ФИДЕ-мајсторот Бошко Милошески, 22. во матови во четири и повеќе потези, 28. во три потези и 37. во самоматови итн.
Проблемите што на ова СИПК освоија осум или повеќе поени автоматски влегуваат во „ФИДЕ-албум“ за периодот 2019-2021 година, кој ќе биде објавен по две-три години. Поените селектирани во оваа официјална антологија на најдобри шаховски композиции се основа за доделување титули (70 поени за ВМ, 25 поени за ИМ, 12 поени за ФИДЕ-мајстор) и неформално рангирање на најдобрите шаховски композитори. Гавриловски преку СИПК 2019-2021 освои вкупно 18 нови поени за „ФИДЕ-албум“, Михајлоски шест, а Денковски еден.
Ова СИПК беше организирано од Светската федерација за шаховски композиции, а директор беше Украинецот Валериј Копил. Наградите на најдобрите ќе им бидат врачени на Светскиот конгрес на шаховската композиција во Фуџаирах (ОАЕ), од 12 до 19 ноември годинава. Г.И.