Еден предлог е да има квалификации за спринтовите во петоците и спринт-трка како прва акција во саботите, по што ќе следуваат квалификациите за главната трка. Други идеи беа да се дадат повеќе поени за спринтот, да се пробаат стартови по обратен редослед според пласманот во шампионатот, дури и да се создаде посебно првенство во спринт. Конечните одлуки треба да бидат донесени зимава

ФОРМУЛА 1

Спринтерската трка во Формула 1 во Бразил, последна за сезонава, во која победи Макс Ферстапен, пред големата награда на Сао Паоло, го зацврсти консензусот во спортот дека треба да се промени форматот, пишува „Би-би-си“. Директорот на тимот Ред Бул, Кристијан Хорнер, вели дека Ф1 „може да заврши подобра работа“ и рече дека спринтерските викенди „треба да се приспособат“, возачот Серхио Перез предложи пократките трки да се одвиваат со обратен стартен редослед, ставајќи ги најбрзите болиди назад, а шефот на Мерцедес, Тото Волф, рече дека сегашниот систем е „збунувачки“, пишува „Би-би-си“.
Шефовите на Формула 1 разговараат за серија опции за промени во форматот на спринтот в година. Еден предлог е да има квалификации за спринтовите во петоците, спринт-трка како прва акција во саботите, по што ќе следуваат квалификациите за главната трка. Други идеи беа да се дадат повеќе поени за спринтот, да се пробаат стартови по обратен редослед според пласманот во шампионатот, дури и да се создаде посебно првенство во спринт. Конечните одлуки треба да бидат донесени зимава, во дискусиите помеѓу носителот на комерцијалните права, Ф1, раководното тело, Светската автомобилска федерација (ФИА) и тимските шефови, а најмногу влијание ќе има претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали, пишува „Би-би-си“.
– Ако постои вистинска желба од гледачите, треба да најдеме решение. Но она што го имаме во моментов не е баш во ред за возачите или за публиката. Штотуку победивме на спринтерска трка и никој не знае што да прави, бидејќи целиот фокус е на трката за големата награда. Што треба да биде? Дали треба да биде обратен старт според редоследот во шампионатот? Дали треба да има повеќе поени за спринтот? Дали треба да има две гранпри-трки за време на викендот? Немам одговор. Знам дека на она што го имаме денес му треба приспособување – рече Хорнер.

И Хорнер и Волф претпочитаат стандарден формат за гранпри, со тренинг во петоците, квалификации во саботите и гранпри-трка во неделите, велејќи дека се „традиционалисти“. Ф1 објави серија статистики за кои рече дека докажува дека спринт-викендите создаваат поголема глобална публика и поголем интерес, и на телевизија и на интернет, пишува „Би-би-си“. Волф рече дека предлогот да има квалификации за спринт и спринт-трка пред да се префрлат на квалификациите за гранприто и за главниот настан „можеби би создал помала конфузија“.
– Сите имаме исти цели, Ф1 и тимовите. Го кажував тоа често, но не сум заинтересиран за овие викенди, но, ако има смисла од гледна точка на публиката, тогаш очигледно ни треба – рече тој.
Спринтовите се воведени во 2021 година, чии резултати беа користени за да се постави почетната позиција за големата награда. Сегашниот формат е од лани. Перез рече дека верува оти обратниот стартен состав ќе има смисла со оглед на првичната намера да се обезбеди поголем интерес за публиката во поголем дел од викендот.
– Ако сакаат да го добијат овој формат на спринтерски трки, мора да го промениме. Би предложил обратен стартен состав, нешто слично, за да биде поинтересно за гледачите, бидејќи мислам дека не функционира за тоа што сакаме да постигнеме. Ништо навистина не се случува на вакви трки. Во претходните две години овој вид настан не донесе многу добри трки – рече Перез.
Ферстапен беше доследен во своето противење на форматот со спринт и во саботата во Бразил рече: „Само нормален тркачки викенд, ве молам. Ви благодарам. Не ме интересира никаква промена. Не ми се допаѓа“. Други возачи, како што се Шарл Леклер и Луис Хамилтон, велат дека ја ценат разновидноста што ја создава спринтот ако се вози само неколку викенди, но прифаќаат дека му треба дотерување. Н.М.