Настојувавме да направиме интимна приказна, но веројатно филмот има и една општествена нота поради денешните околности и веројатно пораката што ја носи или ја начнува дека во војна нема победници туку сите се поразени, особено бегалците и децата бегалци, кои постојано живеат во страв од смртта, вели Јане Спасиќ

Јане Спасиќ, режисер, и Емилија Чочкова, продуцентка

Краткометражниот игран филм „Имиња“, во режија на Јане Спасиќ, ја следи приказната на Марко. Кога Марко и неговата мајка ќе пристигнат во прифатен центар за бегалци полн со деца, жени и стари луѓе, момчето запознава двајца другари, кои му објаснуваат дека е само прашање на време кога војниците ќе донесат кутија за чевли полна со предметите на некој од нивните татковци што загинале во војната. Штом ќе се сместат во центарот, едно од децата му открива на Марко дека училницата во која се сместени е проколната.
Во филмот главните улоги ги толкуваат Драгана Костадиновска и три деца актери: Јаков Павлов, Георгиј Негриевски и Петар Царановиќ. Во епизодните улоги се појавуваат актерите Тамара Ристоска, Златко Митрески и Ангела Стојановска. Директор на фотографија е Дејан Димески, сценографи се Срѓан Митровиќ и Михаил Пaнев. Продуцентка на филмот е Емилија Чочкова, која е и косценаристка заедно со Саше Тасев и Огнен Георгиевски.

Како дојде идејата за приказната за Марко?
Јане и Емилија: Филмот е приказна за осумгодишниот Марко и неговата мајка, кои бегајќи од војна се засолнуваат во еден бегалски камп. Во кампот другите деца веќе имаат некоја своја перцепција за смртта, изградена од престојот таму, која Марко ја запознава преку нивните приказни и пробува да се избори со стравот што расте во него. Сценариото за филмот е базирано на еден мал дел од романот „Календарот на Маите“ на хрватскиот писател Зоран Фериќ. Првично случувањата беа сместени во постземјотресно Скопје, но во фазата на развој, сфативме дека со буџетот што го имаме и со новата архитектонска експанзија во земјава, тешко ќе најдеме соодветно опкружување, па одлучивме да ја поставиме приказната во други околности, односно во време на војна. Инаку, филмот ги отвора темите за првото соочување со концептот за смртта и прераното созревање на децата во околности на војна.

Ни го доближувате светот на бегалците, особено на децата бегалци… Какви општествени прашања сакате да побудите со филмот?
Јане: Па, генерално, се трудевме да ја доближиме перцепцијата за концептот на „смрт“ кај децата и нивното справување со таа „закана“. Настојувавме да направиме интимна приказна, но, во право сте, веројатно филмот има и една општествена нота, поради денешните околности и веројатно пораката што ја носи или ја начнува дека во војна нема победници туку сите се поразени, особено бегалците и децата бегалци, кои постојано живеат во страв од смртта.

Јаков Павлов, Георгиј Негриевски и Петар Царановиќ ги толкуваат главните улоги. Беше ли деликатно да се работи со деца актери?
Јане: Процесот со деца актери е секогаш деликатен. Занаетот се учи со секоја нова работа. За среќа, долги години работам со деца, почнувајќи од извидници, каде што поминав особено долг период од животот, а потоа веројатно тоа искуство сакав да го искомбинирам со театарот и со филмот, кои се мои професии сега. Потребно е разбирање на нивното разбирање на светот, брзи реакции и чувствителност за работите што ги мислат, а не ги кажуваат. Генерално, целата екипа зависи од нивниот ритам и расположение. За среќа, овие деца беа големи професионалци и лесно беше да се работи со нив. Георгиј и Петар беа супер, а особено сум изненаден од Јаков, кој го толкува главниот лик, кој, освен на филмот, беше извонреден и на сетот. Вистинска реткост е дете со толкав емотивен капацитет, трпение и разбирање на комплексни ситуации.

Како се одвиваше процесот на снимање?
Јане: Процесот на снимање беше изненадувачки лесен и пријатен, со оглед на тоа дека работевме со многу набиен распоред и со деца, кои, како што реков, имаат свој ритам. Филмот го снимавме три дена во средното училиште „Лазар Танев“ во Скопје и, за наша голема среќа, околу филмот собравме одлична екипа во сите сектори, што е најважен предуслов за лесен и пријатен тек на снимањата

Каков фестивалски живот има во најава филмот, за кога се закажани следните проекции?
Јане и Емилија: Домашната премиера на филмот се случи во јули, на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Во меѓувреме аплициравме на повеќе фестивали во Европа и очекуваме позитивни вести, односно покана за проекција на некој од нив наскоро.