ШАХ
Овие промени се внимателно разгледани, земајќи ги предвид сите важни фактори, за процесот на квалификациите да се направи поангажиран и поправеден, изјави претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович
Светската шаховска федерација (ФИДЕ) воведе низа измени во квалификациите што ќе важат за Турнирот на кандидатите во 2026 година, пишува ФИДЕ, на својата интернет-страница. Промените имаат цел да го подобрат натпреварувачкиот пејзаж, а измените ќе влијаат на процесот на селекција преку различни патишта, пишува ФИДЕ.
Така, за вицешампионот од претходниот меч за светски првак, повеќе нема автоматски да има место на следниот Турнир за кандидатите. Наместо тоа, второпласираниот сега ќе треба да игра во квалификациите. Бодовите што ќе ги добијат во мечот за титулата светски првак ќе се пресметуваат врз основа на постигнувањето. Ако натпреварот се загуби со тајбрејк, второпласираниот ќе добие повеќе поени отколку ако загуби во стандардниот дел од мечот.
Понатаму, местото резервирано за играчот со највисок рејтинг сега ќе се одредува според просечниот рејтинг за шест месеци, а не според претходните 12 месеци или тековниот рејтинг, како што беше досега. Ова правило за просечен рејтинг за шест месеци ја елиминира можноста играчите да се потпрат на турнирот „последна шанса“ во декември во соодветната година.
Големиот швајцарски турнир ќе понуди две места за играчите што ќе завршат на прво и на второ место. Светското првенство на ФИДЕ за 2025 година ќе обезбеди три места во квалификациите за играчите што ќе завршат на првите три места…
– Овие промени се внимателно разгледани, земајќи ги предвид сите важни фактори, за процесот на квалификации да се направи поангажиран и поправеден. Ова ја одразува посветеноста на ФИДЕ за развој и за усовршување на процесот на квалификации, промовирајќи динамична и конкурентна шаховска средина – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович. Г.И.