ФОРМУЛА 1
Трките во Азербејџан, Австрија, Белгија, Катар, САД и во Бразил се шесте трки што Формула 1 ги избра да бидат домаќини и на спринт-трки во 2023 година. Бројот на спринтерски настани се удвојува, бидејќи Ф1 вели дека тие ги зголемуваат приходите и ТВ-публиката, пишува „Би-би-си“. Форматот ќе остане ист како и годинава, кратка трка во саботите, со бодови за првите осуммина, кој го дефинира распоредот на почетокот на главната гранпри-трка во неделите. Почетните позиции за спринтот се одредени со стандардни квалификации, поместени во петоците попладне од вообичаениот дел во саботите. Во соопштението на Ф1 се вели дека во 2022 година австрискиот спринт имал 39 отсто зголемување на публиката во споредба со квалификациите на истата трка претходната година, пишува „Би-би-си“.
– Видовме многу позитивна реакција на настаните со спринт во Ф1 во првите две години. Едвај чекаме да донесеме уште повеќе акција за публиката со шест настани в година. Воведувањето на спринтот создаде тркачки викенд, кој вклучува три дена натпреварувачки тркачки активности и носи повеќе забава за љубителите на спортот, како и дополнителна вредност за клучните засегнати страни, вклучувајќи тимови, радиодифузери, партнери и домаќини – рече претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали.