Машката и женската шаховска репрезентација на ЕП во Будва

Машката селекција ја забележа првата победа против Фарски Острови, а женската репрезентација оствари втор триумф во низа, совладувајќи ја Црна Гора

ШАХ – ЕКИПНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ТРЕТО КОЛО

Македонската женска репрезентација (1.919 просечен рејтинг, рангирана 32. пред почетокот на турнирот) оствари втор триумф во низа со 2,5-1,5 против домаќинот Црна Гора (2.021, рангирана 31.), во третото коло на Европското првенство (ЕП) во шах во Будва.
Цел поен освоија Ивана Манова на втората табла и дебитантката Моника Жежовска на четвртата табла, која двапати играше и двапати победи и засега има плус 52 рејтинг-поени. ЖФМ Моника Стојковска ремизира, а Сања Трајковска загуби. Во четвртото коло Македонките, кои напредуваа на табелата и сега се на 13-то место со четири бода (5,5 по табли), ќе играат со една од светските велесили, Украина (2.365, рангирана четврта).
Машката репрезентација на Македонија (2.401, рангирана 32.) ја забележа првата победа, со 2,5-1,5 на дуелот со селекцијата на Фарските Острови (2.303, рангирана 36.). Во неизвесен меч, поенот за победа го донесе ФМ Емил Ристески на втората табла, а другите тројца ремизираа. Во следното коло, Македонија, која моментно е 31. со два бода (4,5 поени по табли), ќе игра со првата селекција на Црна Гора (2.536, рангирана 24-та).
– Во првите два меча имавме добри позиции на таблите, ама не издржавме докрај. Во третото коло по отворањата требаше да оствариме рутинска победа, но по некои превиди се сврте ситуацијата и дури требаше да загубиме, меѓутоа во цајтнотот и со малку среќа успеавме да победиме – вели македонскиот селектор ИМ Атанас Кизов.
Кај шахистките засега води Франција (рангирана шеста пред ЕП) со шест поени (10,5 по табли), колку што има и Азербејџан (рангиран втор), но со осум поени по табли. Првиот фаворит, Грузија, засега е 12-ти со четири бода (6,5 по табли). Кај шахистите, први се Полска (рангирана 11-та) и Германија (рангирана трета) со идентични шест бода и 7,5 поени по табли. Г.И.


ЕП 2023, ТРЕТО КОЛО

Македонија – Фарски Острови 2,5-1,5
ИМ Никола Николовски (2.405) – ФМ Холги Нилсен (2.387) реми
ФМ Емил Ристески (2.379) – ФМ Мартин Поулсен (2.291) 1-0
ИМ Филип Панчевски (2.441) – ФМ Рогви Егилстофт (2.254) реми
ИМ Тони Лазов (2.377) – ИМ Џон Родгард (2.281) реми

Црна Гора – Македонија 1,5-2,5
ЖИМ Александра Миловиќ (2.130) – ЖФМ Моника Стојковска (2.047) реми
ЖФМ Николина Кољевиќ (2.067) – Ивана Манова (1.941) 0-1
ЖФМ Алена Сквортсова (2.115) – Сања Трајковска (1.844) 1-0
ЖИМ Матеја Поповиќ (1.772) – Моника Жежовска (1.722) 0-1