Прв спортски лекар кај нас беше д-р Пеце Митревски, кој се школуваше во Загреб и успешно ја заврши специјализацијата по спортска медицина. Д-р Никола Христов, пак, беше најзаслужен за Заводот за спортска медицина да стане квалитетна здравствена институција
Медицината уште од годините по Втората светска војна стана нераскинлив дел од вкупниот тренажен процес на спортистите. Од сите резултати што се добиени од прегледите, тренерите имаат точна информација не само за нивната моментална форма, туку и за нивните потенцијали. Сите параметри добиени преку спортскиот преглед се всушност насока за тренерите во кој правец да ги планираат тренинзите и на што треба особено да обрнат внимание во натамошната работа, за да се дојде до посакуваната цел. Ова е многу битно, зашто во настојувањето максимално да се крене формата на спортистот може да дојде до претренираност, што особено во натпреварувачкиот период од сезоната може негативно да се одрази на резултатите. Тренерите треба да бидат многу внимателни, зашто може да влезат во една опасна зона, за која и самите не се свесни. Од тие причини неопходна е соработката со спортскиот лекар, кој може најдобро да оцени какви се моментните способности на спортистот и колкава оптовареност може да издржи тој.
Меѓутоа има тренери што сметаат оти единствен лек за напредок е напорниот тренинг и честопати не ги прифаќаат советите од лекарите, па тераат по свое. Мислејќи оти она што тие го прават е најисправното, практично прават голема грешка. Со неадекватниот тренинг го „согоруваат“ спортистот, кој потоа запаѓа во криза и не ги дава очекуваните резултати. Затоа, не треба да се импровизира, туку, напротив, треба полека да се гради формата. Но, за тоа е потребно трпение и пред сѐ знаење. Никогаш не треба да се брза и да се работи напамет, зашто таквото работење, наместо до напредок, може да доведе до назадување и стагнација. Од тие причини самоувереноста на тренерите треба да се замени со постојана комуникација и консултација со лекарите специјалисти по спортска медицина. Тие најдобро знаат, според добиените параметри од прегледот, што му е потребно на спортистот. Точно е тоа дека еден од приоритетите на спортските лекари е да се грижат за здравјето на спортистите. Но, паралелно со таа грижа, низ контролните прегледи тие добиваат слика и за физичката подготвеност на спортистот, па ќе може да го информираат тренерот во кој правец да ги насочи тренинзите.
Д-Р ПЕЦЕ МИТРЕВСКИ, ПРВИОТ СПОРТСКИ ЛЕКАР ВО МАКЕДОНИЈА
Во годините непосредно по Втората светска војна кај нас некако со резерва се гледаше кон спортската медицина, а многу од тренерите сметаа оти е доволна консултација само со докторите по општа медицина и ништо повеќе. Во недостиг од доктори специјалисти по спортска медицина и тоа е добро, но, сепак, спортскиот лекар е нешто друго. Тој со следењето на активностите и особено тренинзите на спортистите, со мерењата што ги прави потоа, со редовните рутински контроли, може да дојде до егзактни податоци за тоа што му недостига на спортистот и на што тренерот треба да обрне особено внимание.
Меѓутоа, требаше да се загуби многу време и да помине еден подолг период, па дури потоа да се сфати значењето на спортската медицина. Најголема заслуга за навлегувањето на оваа гранка од медицината во спортот кај нас, секако, има првиот специјалист по спортска медицина во Македонија д-р Пеце Митревски. Тој специјализирал во Загреб и како пионер на ова поле настојувал и кај нас, покрај грижата за здравјето на спортистите, да го истакне значењето на спортската медицина за постигнувањето врвни спортски резултати. Колку, во тоа време, тој бил разбран од околината е посебно прашање. Битно е оти со него бил направен првиот чекор оваа гранка од медицината да го најде своето место и на овие наши простори. Меѓутоа, неговото искуство не можело да се користи во еден подолг период, бидејќи набрзо се преселил во Америка.
Инаку, поранешната држава имаше двајца меѓународно признаени спортски лекари, Медвед и Смодлака, кои беа задолжени за прегледите на врвните спортисти, кога тие ќе пристигнеа на репрезентативни подготовки во спортскиот центар „Кошутњак“ во Белград. Прегледот беше една задолжителна „операција“, зашто со здравјето на спортистот не можеше да се „игра“. Тоа е сериозна работа и затоа на ниво на Југославија беше востановен еден систем на редовни прегледи на спортистите. Без лекарска дозвола, тие не можеа да се натпреваруваат.
За среќа, во екот на градењето на новата држава, покрај другото, се изградуваа и стручните кадри. Тогаш во Македонија дојдоа првите академци, кои завршија на Факултетот за физичка култура во Белград и станаа тренери. Тие почнаа да ги применуваат новите методи стекнати во текот на студиите, па, така, тренинзите беа издигнати на едно повисоко ниво. Во нивната работа, како еден од факторите за успех беше вклучена и спортската медицина.
НЕ Е СЀ ВО ТРЧАЊЕТО
Во Македонија во 1960-тите години, паралелно со напливот на дифовците, кои ги заземаа своите места во спортските екипи, и кај докторите имаше заинтересираност да се определат за спортската медицина. Еден од нив, за кој може да се каже дека беше пионер во оваа област и нејзин втемелувач во Македонија, секако беше д-р Никола Христов. Се сеќавам на едно негово предавање пред тренерите и студентите, кога кажа: „Не е работата кај спортистите за да се набие кондиција, само да се трча. Трчање да, всушност во него е основата на тренингот, но тоа треба да биде планско и во согласност со сите оние параметри што се добиени од претходно извршениот комплексен лекарски преглед на спортистот. Лесно е да се определат вежбите што треба да ги содржи тренингот. Нив ги има речиси во сите стручни книги за обука на тренерскиот кадар, но многу е битно да се знае колку е организмот подготвен да го издржи сето тоа. Е, овде треба да се користат научните сознанија, притоа земајќи ги предвид сите резултати добиени и од спортскиот преглед. Потоа врз база на истите тие, а и со практичното искуство што го има тренерот, треба да се подготви една целосна програма како да се реализираат и со каков интензитет да бидат тренинзите. Тогаш нема да има лутање и импровизација, туку сѐ ќе биде поставено на научна основа, се разбира земајќи ги предвид и индивидуалните способности на спортистот“.
Оваа изјава, всушност, повеќе беше потсетување за тренерите оти планирањето на тренинзите треба да биде стручно, а во него да биде вклучена и медицината. Тоа во 1960-тите години и се случи, па благодарение на настојчивоста и визионерските погледи на д-р Христов, но и на разбирањето, пред сѐ кај политичките фактори, работата на Заводот за спортска медицина беше издигната на повисоко ниво. Дури тогаш некои што на времето со резерва го примија формирањето на една таква здравствена институција, сфатија оти тоа беше добар потег. Откако целосно профункционира Заводот, тогаш и тренерите беа во почеста комуникација со спортските лекари, кои со своите совети многу им помогнаа во реализацијата на современите тренинзи. Тоа беше време кога се почувствува една раздвиженост на македонската спортска сцена. Тогаш и во многу спортови, екипни и поединечни, ние како Македонија се доближивме не само до југословенскиот туку и до меѓународниот просек. Сфаќајќи колку може да биде големо значењето на науката, во конкретниов случај изразена преку спортската медицина, речиси во сите клубови и репрезентативни селекции почнаа да се формираат лекарски тимови, кои имаа задача да им помогнат на стручните штабови во планирањето на тренинзите.
Д-р Христов не само што имаше голема заслуга за развојот на Заводот за спортска медицина туку тој и директно се вклучуваше во работата на спортските екипи. Често можеше да се забележи и на големите спортски настани организирани во нашата Република, како што беа Европското првенство во борење, Балканскиот крос во Сарај, Балканијадата во скијање на Маврово, Светското првенство во кајак на диви води на Треска и на Радика и многу други манифестации. Тој со својата екипа постојано беше покрај борилиштата, ако се укажеше потреба брзо да реагира и да им укаже прва помош на повредените спортисти. Немам зборови со кои, едноставно, би можел да го опишам неговиот ентузијазам.
И на крајот, опишувајќи ја личноста на д-р Христов, мора да кажам оти сета негова натамошна активност почна во една просторија под јужната трибина на Градскиот стадион во Скопје. За почеток на докторот му беа потребни само слушалките и апаратот за мерење притисок и за мерење на градниот капацитет. Иако сиромашно опремена, минијатурната „спортска амбуланта“, сепак, ги задоволуваше потребите на докторот. Нему не му требаше ништо повеќе, беше задоволен од фактот што спортската медицина почна да навлегува кај нас и беше со задоволство прифатена од спортските фактори.
Како се развиваше низ годините спортската медицина во Македонија и кои беа нејзините најекспонирани претставници, како и за некои искуства на д-р Нада Темелкоска, специјалистка за спортска медицина, ќе читате идната недела.
ПОЧЕТОЦИ НА СПОРТСКАТА МЕДИЦИНА
Темелите на спортската медицина во поранешна Југославија беа удрени во 1953 година. Следната година се формира и Секцијата по спортска медицина во Македонија. Прв нејзин претседател беше д-р Рафаил Пијаде, инаку доктор рендгенолог и воен лекар, а за секретар бил избран д-р Димитар Тефчев, рендгенолог. Во периодот од 1957 до 1962 година поради организација на Партизански слетови се јавила потребна за проширување на дејноста, па во тој период за претседател на Секцијата бил назначен хирургот д-р Крсто Ѓорѓиев. Инаку, првата специјализирана амбуланта по спортска медицина е формирана во рамките на општата болница „Букурешт“. Тогаш се одржува и изборна конференција на Секцијата за спортска медицина, на која за претседател е избран д-р Јовица Јовановски, а за секретар д-р Никола Христов, кој во тој период работел во амбулантата во Ракотинци. Тој бил доктор по интерна медицина, а подоцна специјализирал спортска медицина. И практично д-р Христов стана главен двигател и афирматор на спортската медицина во Македонија.