Струите на Атлантски Океан опасно ослабнаа и ова е „очигледно лоша вест за климатскиот систем и човештвото“, се вели во истражувањето објавено во научното списание „Саенс адвансис“.
Користејќи компјутерски модели и архивски податоци, истражувачите развија индикатори што можат навреме да ги предупредат за потенцијален распад на Амок, циркулацијата на огромниот систем на струи на Атлантски Океан, инаку клучна компонента за заштита од климатски промени. Научниците сведочат дека биле шокирани од резултатите.
Имено, моделите прогнозираат дека последиците ќе ги почувствуваме многу порано отколку што некој мислел, пишува „Гардијан“. Се движиме кон промена на океанските струи невидена во повеќе од 10.000 години, што би имала страшни импликации за големи делови од светот, предупредуваат научниците.
Амок е систем на силни океански струи, кој пренесува значителен дел од топлинската енергија од тропските географски широчини и јужната хемисфера во северниот дел на Атлантски Океан, каде што топлината се пренесува во атмосферата. Овој процес значително го забавува влијанието на глобалното затоплување предизвикано со човечка активност.
Ако дополнително ослабне, нивото на морето во Атлантикот ќе се зголеми за еден метар, поплавувајќи многу градови во близината на океанот. Јужната хемисфера би станала потопла, додека Европа драматично би се оладила и би доживеала помалку врнежи. Стравот е дека промените би се случиле 10 пати побрзо отколку сега и ќе ја направат адаптацијата за животот речиси невозможна.
Амок е првенствено оштетен од забрзаното топење на глечерите на Гренланд и ледените слоеви на Арктикот, а од 1950 година до денес е ослабен за 15 проценти и е во најслаба состојба во повеќе од еден милениум, покажаа неколку студии.
Засега нема консензус за тоа колку е сериозна ситуацијата. Една студија од минатата година, заснована на промените во температурите на морската површина, сугерираше дека пресвртната точка може да се случи помеѓу 2025 и 2095 година. Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство соопшти дека големите и брзи промени во Амок се „многу неверојатни“ во 21 век. Но гореспоменатото најново истражување, спроведено во јужниот дел на Атлантски Океан, помеѓу Кејп Таун и Буенос Аирес, открива дека ненадеен колапс на системот е можен секој момент во следните сто години.