Ченаи е дом на легендарниот поранешен светски шампион Ананд, првиот велемајстор од Индија, а шаховската традиција на Ченаи оди уште поназад, оти и првиот индиски шахист, кој некогаш ја освоил титулата меѓународен мајстор, Арон, исто така израснал во овој град, кој беше и домаќин на мечот за титулата светски првак во 2013 година
Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ја прифати понудата од Шаховската федерација на Индија (АИЦФ) за Ченаи, главниот град на државата Тамил Наду, да биде домаќин на Шаховската олимпијада (ШО) годинава. Точниот датум уште не е дефиниран и се очекува да биде објавен наскоро, но ќе биде кон крајот на јули и во почетокот на август.
Ченаи, сместен во Бенгалскиот Залив во Источна Индија, е град со седум милиони жители и е дом на легендарниот поранешен светски шампион во шах, Вишванатан Ананд, кој е всушност и првиот шахист со титулата велемајстор (ВМ) од Индија. Но шаховската традиција на Ченаи оди уште поназад, оти и првиот индиски шахист, кој некогаш ја освоил титулата меѓународен мајстор, Мануел Арон, исто така израснал во овој град. И, секако, Ченаи претходно беше и домаќин на мечот за титулата светски првак во 2013 година, каде што актуелниот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, првпат беше крунисан за светски шампион, победувајќи го токму Ананд.
Секретарот на АИЦФ, Бхарат Синг Чаухан, кој е и претседател на Техничката комисија на ФИДЕ (ТЕЦ), го истакна значењето на искуството што тој и неговиот тим веќе го стекнале во претходните години.
– Искуството со „Опен Делхи“, најголемиот настан од ваков вид во светот, ќе биде од голема помош, оти веќе се справивме со големи бројки. ШО е голем настан. Сигурен сум дека ќе ја организираме најдобро – рече Чаухан.