Тимот на Карлсен, Алпски воини, го презеде водството по седмото коло, а тимот на Ананд, Велемајстори од Ганг, сега е на второто место. По десеттото коло ќе играат најдобрите два тима
ГЛОБАЛНА ШАХОВСКА ЛИГА
Во блескава завршница, Магнус Карлсен од екипата Алпски воини го победи Вишванатан Ананд од тимот Велемајстори од Ганг (вкупен резултат 10-8) и го презеде водството по седмото коло во Глобалната шаховска лига, а тимот на Ананд сега е на второто место.
Велемајсторите од Ганг поведоа, но благодарение на незапирливиот млад Индиец Рамушбаба Прагнананда (кој има резултат 5,5 поени од шест партии), тимот на Алпските воини возврати. Сепак, вниманието го привлече партијата на првата табла помеѓу двајцата поранешни светски шампиони, која, како и во првиот дуел, ја доби Карлсен. Но во оваа, според многумина шаховски стручњаци, епска игра за шаховски учебници, Карлсен со црни фигури одигра блескава завршница, во која ниту на Ананд промоцијата на две нови кралици против ловец и коњ, со закана на промоција на пион во кралица, не успеа да го смени резултатот. Во француската одбрана се разви остра позиција, во која и двајцата велемајстори создаваа стапици. Карлсен постепено добиваше иницијатива, а Ананд успешно се спротивставуваше.
Сепак, Ананд ја ослабе позицијата откако реши со земање пион да даде привремена жртва на коњ за ловец, надевајќи се дека со промоција на кралица ќе добие решавачка предност. Но Карлсен продолжи маестрално и во 70-от потег ја доби партијата.
До крајот на првата Глобална шаховска лига остануваат уште три кола, а најдобрите две екипи ќе играат во плејофот за првото место. Глобалната шаховска лига, која се игра во Дубаи, е првата и најголема светска официјална лига од ваков вид со шахисти од целиот свет што се натпреваруваат во единствен заеднички тимски формат. Во лигата учествуваат и машки и женски шаховски прваци, играјќи со забрзано темпо (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој потег) и има посебен систем за поени во дуелите, четири ако победат играчите со црни фигури, а три со бели…
Резултати, 7. коло: Велемајстори од Ганг – Алпски воини 8-10. Витези од Алјаска – Мумба мајстори 8-5, Титани од заливот Чингари – Континентални кралеви (вчера). Табела: Алпски воини 15 поени (од седум натпревари), Велемајстори од Ганг 12 (седум), Мумба мајстори 10 (седум), Витези од Алјаска девет (седум). Титани од заливот Чингари седум (шест), Континентални кралеви шест (шест). Г.И.