Пред нов предизвик: Поп Арсова со својот тренер Петровски

Таа ќе настапи во маратонската трка идната сабота, додека денеска на програмата на СП се вкупно четири финални дисциплини

ДЕНЕСКА ВО БУДИМПЕШТА ПОЧНУВА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА

Македонската атлетика во името на Адријана Поп Арсова, членка на клубот Делта од Скопје, ќе ја има единствената претставничка на најголемиот светски атлетски собир во Будимпешта. Таа ќе настапи во најнапорната дисциплина, маратонската трка, која на ова 19-то Светско првенство (СП) е на програмата идната сабота (26 август).
Треба да се одбележи дека Поп Арсова учествуваше и на претпоследното првенство во Јуџин (САД), каде што со резултат од 2:41,20 часа се пласира на 28-то место во конкуренција на 48 маратонки. Таму учествуваше со вајлд-карта што ја доделува Меѓународната атлетска федерација (ИААФ), за разлика од сега, кога на стартот ќе се појави со исполнета норма. Таа е првата наша претставничка што на ваков начин, со исполнета норма, ќе настапи на СП, за разлика од минатото, кога сите наши атлетичари настапуваа благодарение на добиени вајлд-карти. Адријана во минатото, иако не беше толку експонирана, сепак нѐ претставуваше на многу трки надвор од Македонија. Како резултат на нејзината настојчивост и желба да успее, дојдоа и сите нејзини резултати, па така стана државна рекордерка во сите дисциплини на долги патеки.
– Со Адријана заедно работиме од ноември 2020 година. Од тој период почнаа да доаѓаат нејзините најдобри резултати. Најпрво таа го урна рекордот на Македонија на 10.000 метри, со резултат од 35:00,00 минути, кој беше подобар за една минута од стариот. Потоа за две минути го подобри рекордот на истата делница, но во трчање на пат, за својот квалитет да го потврди со поставување нов рекорд и на 5.000 метри, со време од 16:50,00 минути. Сепак, еден од најзначајните резултати го постигна на скопскиот маратон во 2021 година, кога го подобри државниот рекорд за цели 12 минути, за потоа да дојде до ново рекордно постигнување на маратонот во Копенхаген, со време 2:35,29 часа. Адријана е македонска рекордерка и во полумаратон, со 1:13,39 час, резултат постигнат во трката во Трикала, Грција, годинава – вели нејзиниот тренер Димитар Петровски.
На СП во Будимпешта, Поп Арсова ќе го има првиот годинашен настап во една маратонска трка.

На првиот ден од СП во Будимпешта на програмата се четири финални дисциплини. Први медалите ќе ги добијат натпреварувачите во брзо одење на 20 километри, кои стартуваат во осум часот. Со оглед на тоа што оваа дисциплина е многу напорна, во текот на одењето доаѓа и до многу пресврти. Некогаш и најголемите фаворити ги фаќала криза и не успевале да стигнат до медал, па затоа е тешко да се прогнозира кој прв ќе мине низ целта. На минатиот шампионат во Јуџин доминираа Јапонците, кои остварија двојна победа. Прв беше Јаманиши, пред Икада, кој доцнеше зад својот сонародник само осум секунди
Возбудливо ќе биде и во дисциплината фрлање ѓуле во машка конкуренција. Фрлачите своите квалификации ги имаат во претпладневните часови, а финалето е во 20.35 часот денеска. Овде се очекува израмнета борба меѓу фрлачите од САД, кои на последното СП имаа троен триумф. Најдобар беше Рајан Краузер, кој постигна рекорд на шампионатите од 22,94 метри. Дали и овој пат во својата дисциплина Американците ќе бидат доминантни, останува да се види.
Од тркачките дисциплини, свое финале ќе има само женската трка на 10.000 метри, во која на последниот шампионат во Јуџин, Гидеј од Етиопија во една драматична завршница прва мина низ целта, пред опасните конкурентки, Кенијките Обири и Кимкембои. Последното финале ќе биде во една од „најмладите“ дисциплини на СП, а тоа е комбинираната или мешана штафета на 4х400 метри, составена од по два машки и два женски натпреварувачи.
СП ќе трае до идната недела и се очекува да понуди големо уживање за сите љубители на атлетиката. А, дали ќе има светски рекорди, тоа никогаш не може со сигурност да се прогнозира, иако овие најголеми атлетски собири се токму местото што дава инспирација за напад на старите рекорди.


Укината суспензијата на светската шампионка Амусен

На нигериската атлетичарка и светска шампионка на 100 метри со пречки Тоби Амусен ѝ е укината привремената суспензија поради допинг, објави Атлетската единица за интегритет (АИУ). Суспензијата е укината два дена пред почетокот на СП и таа ќе може да се појави на патеката во вторник.
Амусен, која во 2022 година постави светски рекорд на 100 метри со пречки, беше привремено суспендирана во јули, поради прекршување на правилата за антидопинг на местото на живеење за помалку од една година.
Дисциплинскиот суд смета дека спортистката „не направил повреда на антидопинг-прописите“. АИУ соопшти, пак, дека е „разочарана од одлуката“ на дисциплинскиот трибунал и го задржа правото на жалба до Судот за спортска арбитража. Г.И.


Коу доби трет мандат

Истакнатиот поранешен британски атлетичар Себастијан Коу (66) е реизбран за претседател на Светската атлетика, што ќе биде негов трет и последен четиригодишен мандат на оваа функција. Коу беше реизбран на 54. Конгрес на Светската атлетика, два дена пред почетокот на ова СП во Будимпешта и, според статутот на тоа тело, тој нема да може да се кандидира за нов, четврти мандат.
Двократниот олимписки шампион на 1.500 метри е на чело на Светската атлетика од 2015 година, кога го наследи Сенегалецот Ламине Диак. Коу беше избран во 2015 година, кога голем конкурент му беше легендата на светската атлетика и шесткратен светски првак, украинскиот скокач со стап Сергеј Бубка, кој повторно загуби од Коу и при кандидатурата во 2019 година. Г.И.