ШАХ – МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК
Непомнијашчи ја задржа предноста од еден поен

Јан Непомнијашчи и Динг Лирен го поделија поенот по релативно тивка партија, а со само три меча за да се одреди новиот светски првак, притисокот се зголемува, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Единаесеттата партија во мечот за титулата светски шампион во шах во Астана (Казахстан) заврши нерешено, по 39 потези и по еден час и 40 минути игра. Резултатот сега е 6-5 за Непомнијашчи. Вчера беше слободен ден, а 12-та партија на програмата е денеска.
Се играат вкупно 14 партии, а ако по нив биде нерешено, следува т.н. тајбрејк со партии со забрзано темпо за размислување. Контролата на времето за стандардните мечеви е 120 минути за првите 40 потези, проследени со 60 минути за следните 20 потези, а потоа 15 минути за остатокот од мечот, со зголемување од 30 секунди по потег, почнувајќи од потегот 61.
Првиот шахист што ќе достигне 7,5 поени во 14-те меча ќе стане светски првак. Наградниот фонд за натпреварот е два милиони евра, а наградата е поделена во однос 60-40 помеѓу победникот и второпласираниот, пишува ФИДЕ. Н.М.


КОШАРКА – НБА

Квалификантот Мајами води со 3-1 на дуелот со првопласираниот Милвоки

Мајами, кој во плејофот на кошаркарската НБА-лига влезе по два меча во квалификациите, поведе со 3-1 во победи на дуелот со Милвоки, најуспешниот тим по регуларниот дел од сезоната (58 победи, 24 порази), откако славеше дома со 119-114 во четвртиот меч од првото коло.
Милвоки водеше во најголемиот дел од мечот, во еден момент и со 14 разлика, а Мајами првпат поведе на околу три минути пред крајот на средбата. Осмиот носител сега води на дуелот со носителот број еден со 3-1, нешто што се случило само четири пати претходно откако во НБА има плејоф-формат со 16 екипи, од 1984 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Џими Батлер постигна 56 поени, изедначувајќи го четвртиот најдобар ефект досега во плејоф-натпревар во НБА. Единствените играчи што постигнале повеќе поени во плејоф-меч се Мајкл Џордан со 63 во 1986 година, Елгин Бејлор со 61 во 1962 година и Донован Мичел со 57 во 2020 година, а Батлер со 56 се израмни со ефектот на Џордан, Вилт Чембрлен и на Чарлс Баркли.
По четири меча, само Филаделфија се пласира во второто коло, на еден дуел резултатот е израмнет 2-2, а на преостанатите шест екипи водат со по 3-1, од нив половина ја немаа предноста на домашниот терен. Н.М.


НБА, ПЛЕЈОФ, ПРВО КОЛО ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Милвоки – Мајами 1-3
Кливленд – Њујорк 1-3
Филаделфија – Бруклин 4-0
Бостон – Атланта 3-1
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА
Денвер – Минесота 3-1
Феникс – ЛА клиперс 3-1
Сакраменто – Голден стејт 2-2
Мемфис – ЛА лејкерс 1-3
се игра до четири победи


ФУДБАЛ

Холандскиот АЗ е нов младински европски првак

Холандски клуб АЗ Алкмар првпат е европски шампион за фудбалери до 20 години, откако го победи Хајдук (Хрватска) со 5-0 во финалето на младинската лига на шампионите. АЗ на патот до финалето ги победи меѓу другите и Реал Мадрид, Барселона и Ајнтрахт Франкфурт, а Хајдук ги победи и Манчестер сити, Борусија Дортмунд и Милан.
Сениорскиот тим на АЗ Алкмар, во кој настапуваат и неколку фудбалери од младинскиот тим, во мај ќе игра во полуфиналето на Лига Европа, против англискиот Вест хем. АЗ Алкмар е седмиот клуб што стана младински европски шампион, откако претходно прваци беа Челси и Барселона по двапати, а Салцбург, Порто, Реал Мадрид и Бенфика по еднаш. Н.М.